Велес, 13 март 2020 (МИА) – Општина Чашка на почетокот на неделава ја одржа втората форумска сесија во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, со претставници од невладиниот сектор, бизнис заедницата, од училиштата, месните заедници и жители од шест населени места во Општината. Tие предлагаа идеи за реализација на нови проекти во Општина Чашка.
Од предложени пет идеи за проекти ќе се реализираат еден, два или три, во зависност од висината на средствата за нивна реализација. За овој проект Општина Чашка во соработка со УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка доби проектен фонд од 50 илјади швајцарски франци.
Како што информира за МИА, Лидија Пљакова од Општина Чашка, начинот на работа на Форумот е преку организирање на пет форумски сесии на кои присутните граѓани ќе ги лоцираат проблемите во локалната средина во делот на социјална инклузија и ќе понудат решенија за истите. Главна тема на интервенција на Форумот е социјална инклузија, вклучувајќи и поврзани теми со родова еднаквост, добро владеење и социјална инклузија и меѓуетничка соработка.
Таа појасни дека на втората форумска сесија неделава се презентирале концепт нотите кои работните групи ги изработиле и тоа – концепт 1 кој се однесува на реконструкција на куќа, куќи за лица со посебни потреби и за мали групни домови, вториот концепт презентација за културен рекеративен центар, концепт 3 – презентација за изградба и реконструкција на спортски игралишта во населбите Чашка, Долно Јаболчиште и Горно Јаболчиште, концепт 4 – информатички кабинети и петтиот концепт презентација за заштитна ограда за безбедност на река Тополка, Горно Јаболчиште.
– Овие концепт ноти за следната форумска сесија ќе бидат презентирани и развиени во образец за проекти, информира Пљакова.
Следната, трета форумска сесија е закажана за крајот на април годинава.
Општина Чашка апелира до жителите од општината за искористување на можноста за предлагање свои идеи преку нивно вклучување во форумските сесии. ад/мс/