Скопје, 2 април 2020 (МИА) – Во ек на пандемијата на коронавирусот, Општина Центар како одговорна единица на локалната самоуправа, покрај останатите мерки кои ги спроведува за заштита и превенција од вирусот, изминатите денови со конкретни активности ги помага и полициските станици „Беко“ и „Пролет“.
Како што соопшти Општина Центар, службите на Општината секојдневно доставуваат нова пратка на заштитни маски и ракавици во ПС „Беко“, за безбедно справување на полициските службеници при извршувањето на нивните редовни задачи. Општина Центар отстапи и три службени возила за користење од страна на полицијата за редовни патроли и контроли, а полициските станици на располагање веќе имаат и 10 мобилни распрскувачи за дезинфекција.
Општината на полицајците од ПС „Беко“ и ПС „Пролет“, покрај останатите активности, секојдневно им доставува храна и оброци. Во ПС „Беко“ извршена е и целосна дезинфекција на работните простории.
Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ повторно апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од коронавирусот, затоа што, наведуваат. само така, со заедничко почитување, солидарност и совесност, можеме да го победиме Ковид 19. вг/дма/