Дебар, 21 март 2020 (МИА) – Ќе се изврши дезинфекција на сите населени места во Општина Маврово и Ростуше. Оваа одлука е донесена на денешната попладневна седница на Кризниот штаб за спасување од коронавирусот на Општина Маврово и Ростуше, со кој раководи градоначалникот Медат Куртовски.
Исто така договорено е ЈПКД „Маврово“ и локалната самоуправа во соработка со месните заедници да извршат чистење на центрите на сите населени места за што ќе се направи распоред, а штабот навремено ќе ги информира граѓаните за тоа кои села кој ден ќе се чистат.
-Го повторуваме апелот до граѓаните строго да ги почитуваат препораките дадени од Владата, како и наредбата за самоизолација. Седи дома, читај книги и спаси живот! Само преку дисциплина и разум можеме да го победиме овој вирус!, стои во објавата на Кризниот штаб.
Се додава дека на состанокот присуствувале и директори на институции како и Зенула Елези, сопственик на фирмата „Техно Блок“од Скудриње, кој изразил желба да излезе во пресрет на институциите и народот во оваа кризна состојба. Оваа фирма претходно веќе обезбеди прехранбени и други артикли за семејствата со потешка социоекономска состојба.
Како што за МИА потврди градоначалникот Куртовски, во оваа општина во домашна изолација се шеесеттина лица. вт/мд/