Утрински Весник
Македонија

Општина Куманово ја намали висината на фирмарината на 4.000 денари

Општина Куманово ја намали висината на фирмарината на 4.000 денари

Куманово, 28 април 2020 (МИА) – Општина Куманово ја намали висината на комунална такса за фирма, односно назив за деловна просторија – фирмарина од 6.000 на 4.000 денари за 2020 година. Советниците ја донесоа одлуката на последната седница на Советот, како дел од општинските економски мерки за справување со последиците од ширењето на коронавирусот.

-Одлуката е издржана, од општ заеднички интерес и е намалување од максимален износ согласно тарифникот за пресметка на комунални такси. Вкупното намалување за сите правни субјекти изнесува околу 6.770.000 илјади денари, изјави овластениот раководител на сектор за даноци и такси, Ненад Стојановски.

До општината, градоначалникот и секторот за даноци и такси пристигнале и барања од поголем број правни субјекти кои барале да бидат ослободени од комуналната такса за оваа и претходната година.

-Сакам да појаснам дека ослободување од плаќање на фирмарина не е возможно, затоа што со Закон за комунални такси не е дозволено ослободување. Предвиден е тарифник со маргини и ние со оглед на нашите надлежности и ингеренции донесовме одлука фирмарината да е најниска согласно законот, вели Стојановски.

Поради состојбата со Ковид 19,  Општина Куманово, Сектор за даноци и такси нема да испраќа опомени и нема да врши присилна наплата за целиов период додека трае вонредната состојба. Лани, според податоците на Секторот за даноци и такси имало 3.385 субјекти, задолжувањето изнесувало околу 22, а наплатата била околу 19 милиони денари. ам/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме