Куманово, 11 февруари 2020 (МИА) – Општина Куманово ќе им ги даде службените возила „Југо“ од 1991 година на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, „Фиат пунто“ од 2011 година на „Водовод“ и „Шкода јети“ од 2011 година на „Куманово Гас“, одлучија советниците на денешната седница на советот.
Советниците од опозицијата од коалицијата „За подобра Македонија“ реагираа, укажувајќи дека претходно општината набавила нови возила, бидејќи дел од овие возила се дотраени и скапи за одржување.
Координаторот на советничката група на колацијата „За подобра Македонија“, Драган Петковски смета дека овие возила не треба да се даваат на трите јавни претпријатија, туку да се отуѓат на јавно наддавање.
-Ако пред неколку седници беше донесена одлука за набавка на нови возила, бидејќи старите се дотраени, скапи за одржување, како одеднаш овие возила се доделуваат на јавните претпријатија. Нема ли за нив да биде скапо одржувањето, праша Петковски.
Раководителот на одделението за правни и имотно-правни работи од општината, Иван Ангеловски рече дека самите јавни претпријатија побарале општината да им отстапи возила за користење и дека претставниците на претпријатијата треба да образложат за кои потреби ќе ги користат.
Претседателката на Советот, Атина Мургашанска рече дека потребите на јавните претпријатија се поинакви од потребите на општината и дека дел од возилата ќе се користат за теренски активности на претпријатијата, превоз на опрема и алат.
Претходно, општина Куманово набави шест нови возила – пет „Дачија“ и едно „Рено“ за потребите на администрацијата, пред се за службите кои имаат теренски активности, секторот за инспекциски надзор, за урбанизам, правни работи и едно ќе го користи противпожарната единица од Куманово. ам/рп/