Утрински Весник
Македонија

Општина Кочани подготвува Регистар на угостители од мал обем

Општина Кочани подготвува Регистар на угостители од мал обем

Кочани, 3 март 2020 (МИА) – Локалната самопуправа на Кочани почна постапка за изготвување локален Регистар на физичките лица кои вршат угостителска дејност од мал обем, односно кои во своите објекти изнајмуваат до 10 соби или до 20 легла.

Регистарот што ќе го води градоначалникот на Општина Кочани, е во согласност со законските регулативи за евидентирање на лицата кои изнајмуваат куќи, апартмани, викенд куќи и соби за одмор во индивидуални станбени објекти, а чиј сопственик е носител на правото на користење.

– Обврска за евидентирање, покрај сопствениците на инвивидуални објекти, имаат и лицата кои изнајмуваат станови за одмор или соби во колективни станбени згради. За угостителска дејност од помал обем се смета и кога физичките лица во селски домаќинства издаваат соби и апартмани, чиј сопственик или носител на право на користење е член на селско домаќинство. Освен тоа, во селските домаќинства може да се подготвуваат и послужуваат топли и ладни јадења, пијалаци и напивки главно од сопствено производство, најмногу за 50 лица или излетници истовремено. Давателот на угостителските услуги е должен да води евиденција за престојот на гостите во својот сместувачки капацитет во книга за домашни, односно странски гости, информираа од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Физичкото лице кое е сопственик на сместувачки објект треба да поднесе барање за упис во Регистарот на вршители на угостителска дејност од мал обем, како и барање за категоризација на објектот. Согласно Правилникот, посебна Комисија ќе ги утврдува минимално-техничките услови што ги нудат угостителите и ќе им издава решение за извршена категоризација.

Целта на целата постапка е да се направи база на податоци за сместувачките капацитети од мал обем во општина Кочани и да се овозоможи нивна што поголема достапност до гостите и туристите што бараат ваков вид угостителски услуги. та/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Три лица од Турција нападнати кај кањонот Матка

Неделков од СОНК: Изјавата на министерката Јаневска за платите не е договорена со нас

Кривична пријава за кумановец, прободел колега заради ваучери за казино