Утрински Весник
Македонија

Општина Делчево се подготвува за одбележување на годишнината од Разловечкото востание

Општина Делчево се подготвува за одбележување на годишнината од Разловечкото востание

Делчево, 18 мај 2020 (МИА) – Општина Делчево се подготвува за одбележување на 144 години од Разловечкото востание. Централната свеченост, која ќе се одржи согласно препораките за заштита од вирусот Ковид-19, како што информираат од општината ќе се одржи во дворот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“ во село Разловци в среда, 20 мај 2020 година со почеток во 10 часот.

-По тој повод, Општина Делчево ги поканува сите заинтересирани граѓани, институции, политички партии и здруженија на граѓани кои сакаат да присуствуваат на настанот и да положат свежо цвеќе на спомен-плочата на поп Стојан поставена на влезот од црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во село Разловци. Во рамки на одбележувањето на 144-годишнината од Разловечкото востание треба да ги почитуваат  актуелните препораки за заштита од болеста Ковид -19, велат од Општината.

Поради ова, како што додаваат тие, задолжително е носењето заштитни маски за лице држење на потребното растојание од два метра за време на настанот

-Пожелно е на настанот да земат присуство по двајца претставници од институциите, организациите и здруженијата. Воедно имформираме дека поради актуелната состојба, предвидената културна-уметничка програма и традиционалниот планинарски марш нема да се одржат, дополнија од Општината.

Разловчани годишнината од Разловечкото востание ја дочекуваат со надеж за реконструкција на Спомен домот на Разловечко востание. Од делчевскиот Центар за култура кој стопанисува со објектот, информираат дека доизградбата и санацијата на покривната конструкција ќе се реализира во рамките на програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2020 година, а за таа цел на почетокот на февруари беа определени  средства од Министерстворо за култура во висина од 500 илјади денари. вс/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава