Утрински Весник
Македонија

Општина Гостивар планира да продаде над половина хектар градежно земјиште

Општина Гостивар планира да продаде над половина хектар градежно земјиште

Гостивар, 17 јуни 2020 (МИА) – Гостиварската локалната самоуправа планира да стави на продажба плацови за изградба на станбени згради и куќи на неколку атрактивни локации низ градот. Станува збор за градежно земјиште во сопственост на државата со површина од околу шест ипол илјади квадратни метри (6.500 м2).

Од секторот за урбанизам за МИА дадоа појаснување дека се работи за единаесет парцели во градот и две во атарот на селото Здуње. Со важечките урбанистички планови на овие парцели може да изградат девет куќи и четири објекти за колективно домување.

– Станува збор за претходно детектирани парцели и тие ги ставивме во „Предлог програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на општина Гостивар за 2020 година“. Доколку предлогот помине на утрешната седница на советот на општината, очекуваме до крајот на годината да се одржи наддавање преку електронска аукција. Обврската на инвеститорите е да започнат со градење најдоцна две години од добивањете на сопственоста и дозволите за градба, вели Сефедин Биљали, раководител на секторот за урбанизам.

Бињали за вредноста на земјиштето појаснува дека почетната цена за парцелите за индивидуалните е едно евро за квадратен метар, а за колективните згради од 20 до 25 евра зависно од зоната.

Парцелите, особено тие предвидени за изградба на објекти за колективно домување се наоѓаат на атрактивни локации и се очекува да го привлечат вниманието на градежниците и инвеститорите. На претходните наддавања цената за еден квадратен метар достигна 130 евра. Едната парцела се наоѓа во близина на автобуската станица, а трите други се во блок 17, над општата болница непосредно брегот на Вардар.

Доколку се достигнат износите од последните наддавања, во општинската каса треба да се слеат над 600 илјади евра.

Кој ќе гради и кој ќе биде сопственик на новите парцели ќе се знае до крајот на годината. За да се реализира планираното во предлог програмата таа треба да добие „зелено светло“ од општинскиот совет кој ќе заседава утре. згм/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Фото/Видео) Километарски колони за влез во Македонија

СДСМ: Мицкоски, ако имаш докази повели објави ги

ВИДЕО: Нов голем пожар кај Македонски Брод, изгорени се и куќи