Велес, 14 март 2020 (МИА) – Општина Велес распиша јавен повик за доставување иницијативи за изработка на урбанистички планови. Повикот ќе трае до 10 април.
Како што информираат од Општина Велес, секое заинтересирано правно и физичко лице на територија на Општината во текот на јавниот повик може да достави иницијатива за изработка и донесување на урбанистички планови преку информацискиот систем е-урбанизам, или во писмена форма преку архивата на Општината.
Тие појаснуваат дека предмет на иницијативата може да биде донесување на нов урбанистички план или изменување и дополнување на постоечки урбанистички план.
За доставените иницијативи, подносителите ќе бидат известени во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, или во писмена форма.
– Средствата за изготвување на потребната документација за прифатените иницијативи треба да ги обезбедат подносителите на иницијативите, информираат од Општина Велес. ад/мс/