Утрински Весник
Македонија

Општина Василево набави нов камион за собирање отпад

Општина Василево набави нов камион за собирање отпад

Струмица, 17 јуни 2020 (МИА) – Со новиот камион услугата за собирање отпад ќе биде проширена и во населените места кои досега не беа опфатени во системот на организирано собирање, а таму каде што опфатеноста беше делумна, услугата ќе биде проширена на сите домаќинства, информира в.д. директор на ЈПКД „Турија“-Василево, Зоранчо Георѓиев.

Камионот има капацитет од 5,5 метри кубни и заедно со постојните две возила со иста намена ќе се зголеми капацитетот на Комуналното претпријатие.

-Со неговото ставање во употреба ќе обезбедиме поквалитетно и поефикасно извршување на услугата собирање отпад, ќе го зголемиме опфатот, количеството и редовноста во собирањето отпад со што ќе се намали бројот на диви депонии и загадувањето на животната средина, рече градоначалникот Марјан Јанев на денешното примопредавање на камионот.

Во моментот со собирањето на отпад целосно се опфатени населените места Василево, Ангелци, Градашорци, Сушево, Владевци и Пиперево, а делумно Радичево и Дукатино, како и правни лица од Нова Маала и Добрашинци, односно 1.680 домаќинства и 130 правни лица.

Средствата за набавка на возилото во износ од 4.370.000 денари Општината ги обезбеди преку кредит во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги финасиран со заем од Светска Банка, а отплатата треба да заврши во 2022 година. рт/вг/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Рокас: Очекувам овој пат и ЕУ да може да испорачува резултати со забрзана динамика

Димитријевиќ: СДСМ ќе покаже нова енергија и нова визија во креирањето на политиките

ЕСМ понуди поскапа цена на тендерот на ЕВН ХОУМ