Водителката Опра Винфри разговарала зад камерите со принцот Хари во врска со изјавата дека еден од членовите на кралското семејство во Велика Британија бил загрижен оти кожата на синот Арчи ќе биде премногу темна кога ќе се роди.
По интервјуто се појавија шпекулации за тоа кој од семејството би можел да биде расист, а Хари и’ кажал на Опра дека не станува збор за кралицата Елизабета, ниту за принцот Филип. Сепак, тој и неговата сопруга ветиле дека никогаш нема да откријат кој го рекол тоа за да ја заштитат таа личност.
„Хари не го откри идентитетот на лицето кое го кажало тоа, но сакаше да се осигура дека знам оти тоа не се неговите баба и дедо. Можете да видите дека се обидував да добијам одговор од нив додека беа вклучени камерите, но и додека тие беа исклучени“, изјави Опра по интервјуто.
Меган Маркл и принцот Хари го шокираа светот со своето интервју со Опра Винфри во кое тие ја раскажаа својата страна од приказната за животот на кралскиот двор во Велика Британија, што за нив бил неподнослив.
Меган обвини дека некои членови на кралското семејство биле загрижени дали бојата на кожата на нејзиниот и синот на Хари, Арчи, ќе биде премногу темна затоа што таа е мешана раса, а Хари е бел. Таа додаде дека на Арчи му е одземена титулата принц и 24-часовното обезбедување. Инаку, Меган и принцот Хари во интервјуто открија дека нивното второ дете ќе биде девојче и дека не можат да бидат повеќе благодарни за тоа. Тие додадоа дека две деца им се доволни.