Утрински Весник
Свет

ОН: Џихадистите раселиле речиси половина милион луѓе во Мозамбик

ОН: Џихадистите раселиле речиси половина милион луѓе во Мозамбик

Високата комисија на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во понеделникот соопшти дека џихадистичките напади во северниот дел на Мозамбик предизвикале најмалку 424 000 луѓе да ги напуштат своите домови, уништувајќи го регионот кој штотуку започнал да се опоравува од циклонот Кенет во 2019 година, пренесува Ројтерс.

УНХЦР предупреди дека конфликтот може да се прошири и надвор од Мозамбик и да создаде уште поголем бегалски бран.

„Ова е ситуација која започнува во една земја, но ако сите земји не се здружат за да се справат со неа и чекаат премногу долго, таа може да се прошири во подрегионот“, изјави шефот на УНХЦР за Јужна Африка, Валентин Тапсоба.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Башелет, минатиот месец ја нарече ситуацијата во Мозамбик очајна и рече дека е од витално значење за локалните власти да се погрижат хуманитарните агенции да имаат безбеден и непречен пристап за да обезбедат помош и заштита на животите, особено во екот на пандемијата на коронавирус.

Башелет рече дека ОН веруваат дека илјадници се заробени и се кријат во северниот дел на Мозамбик, протерани од своите домови од насилствата на исламистичкиот бунт,  преплашени од убиствата, сексуалното малтретирање, киднапирањата и присилното регрутирање од страна на вооружени групи.

Во Северен Мозамбик има милијарди долари во резерви на нафта и гас, големи меѓународни корпоративни напори за пристап до тие ресурси, голем број осиромашени локални жители и џихадистички бунт што започна како народно востание пред неколку години, а потоа се развија врските со Исламска држава и нападите добија подивјачки карактер.

Масовните обезглавувања и суровите напади врз селаните во ноември привлекоа повеќе меѓународно внимание кон бунтот, што стана пресилно за да може да го потиснат владата на Мозамбик или странските безбедносни компании.

Владата на Мозамбик во петокот објави меѓународен апел за средства за помош на бегалците од северниот дел на регионот Кабо Делгадо. Според Тапсоба, УНХЦР има само една третина од 19,2 милиони долари потребни за да ги нахрани и засолни бегалците во 2021 година, и предвиде дека претстојната дождовна сезона ќе ја претвори веќе тешката ситуација во кошмар.

Лидерите на Зимбабве, Јужна Африка и Боцвана се сретнаа во главниот град на Мозамбик, Мапуто, во понеделникот за да разговараат за соработка против бунтот.

Танзаниските безбедносни сили кон крајот на ноември објавија дека ќе почнат заеднички операции со Мозамбик како одговор на октомврискиот напад врз едно село во Танзанија со дивеење на бунтовниците од Кабо Делгадо.

Минатата недела, американските власти изјавија дека се загрижени поради влошената безбедносна состојба во Мозамбик и понудија американска помош за ограничување, деградирање и пораз на џихадистите. Руски платеници наводно се веќе на терен и претрпеле значителни жртви во борбите со бунтовниците.

Претседателот на Мозамбик, Филипе Нјуси, сè уште официјално нема побарано воена поддршка од другите нации против милитантите, кои имаат околу 3.000 борци. Многу од бегалците од Кабо Делгадо заминаа јужно во Пемба, пристанишен град со население од 205.000 жители, кој сега е домаќин на над 130.000 раселени лица.

Властите во Пемба изјавија дека притисокот врз здравствената, санитарната и транспортната инфраструктура станува огромен предизвик и предупредија дека на нивните преоптоварени полициски сили им недостасува работна сила за да ги отстрани терористите од бегалците што доаѓаат.

Локалните жители во понеделникот изјавија за Франс прес дека луѓето кои пристигнуваат со товарни бродови од северен Мозамбик едноставно ја подмитуваат полицијата и влегуваат во Пемба без безбедносни проверки.

„Тие го нападнаа моето село и ја грабнаа ќерка ми. Дојдов во Пемба и ме пречека едно семејство овде. Сè уште не сум заборавил што се случи. Не спијам. Ме боли главата. Мислам дека треба да ја запрат оваа војна “, изјави бегалец за Франс прес.

Резервите на гас во Мозамбик се толку важни што беа еден од ретките исклучоци во политиката на Велика Британија за прекин на проектите за нафта и гас во странство во борба против климатските промени, објавени од премиерот Борис Џонсон во понеделникот.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Трамп најави нови царини – стапуваат на сила на 1 август

Голем број земји ги предупредуваат своите граѓани за ризици од патување во САД

Над 20 повредени откако автобус „Фликсбус“ (Flixbus) се преврте во северна Германија