Утрински Весник
Свет

ОН: Шведска да ги врати дома децата од Исламска држава

ОН: Шведска да ги врати дома децата од Исламска држава

Обединетите нации ја повикаа Шведска веднаш да ги врати дома своите граѓани кои се наоѓаат во притворските логори во северна Сирија, пренесува „Спутник“.

Според портпаролката на ОН за тероризам, Фионуала Ни Аолаин, Шведска заедно со уште 56 други земји-членки се најдоа на „списокот на срамот“ на телото поради непочитување на меѓународното право.

„Ова не е список на кој сакате да бидете. Треба активно да работите за да се извлечете од списокот“, изјави Ни Аолаин за националниот радиодифузер СВТ.

Според Ни Аолаин, Шведска не успеала да ги исполни барањата на организацијата.

„Ако жените и децата сè уште се во логорите во Сирија, тие не ги исполниле своите обврски согласно меѓународното право. Ако возрасните треба да бидат гонети, има капацитет и подготвеност да го сторат тоа. Децата мора да бидат третирани како жртви, да бидат обединети со своите семејства и да се интегрираат во општеството“, рече Ни Аолаин, нагласувајќи дека има огромна можност за тоа.

Ни Аолаин ги спореди условите во притворските логори „Ал Хол“ и „Рој“ во Рохава, во Североисточна Сирија со заливот Гвантанамо, американски воен затвор познат по суровиот, нехуман и понижувачки третман на затворениците.

„Овие жени и деца живеат во ужасни и нехумани услови“, рече таа.

Се на се, во двата кампа живеат околу 64.000 жени и деца со врски со Даеш (Исламска држава).

Шведска претходно направи неколку обиди да ги врати шведските деца од камповите во Сирија. Дете кое има родител со шведско државјанство автоматски станува шведски државјанин, без оглед каде е родено.

Сепак, голем дел од децата во камповите се родени откако нивните мајки се придружиле на Даеш. Некои од жените се омажиле или склучиле нови партнерства откако биле убиени нивните сопрузи. Ова им отежнува на шведските власти точно да утврдат кои деца имаат шведско државјанство.

Во пролетта 2019 година, седумте деца на озлогласениот регрутер на Даеш, Мајкл Скромо, беа вратени во Шведска, што предизвика дебата и меѓу политичарите и пошироката јавност. Судбината на „невестите на Даеш“ и нивните потомци останува чувствително прашање во многу европски земји до тој степен што Норвешката партија за напредок ја напушти владата по одлуката за репатријација.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење