Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска изјави дека Обединетите нации соработуваат со САД и Европската Унија за надминување на одредени пречки, што треба да овозможат руската храна и ѓубриво да стигнат до светските пазари.
Гутереш рече дека во согласност со договорот постигнат минатиот месец во Турција со посредство на ОН за продолжување на извозот на украински житарки, веќе се извезуваат повеќе од 650.000 метрички тони жита и друга храна.
„Вториот дел од овој пакет договор е непречен пристап до глобалните пазари на руска храна и ѓубрива кои не подлежат на санкции“, рече Гутереш во Истанбул, каде што го посети координативниот центар за контрола на извозот. Тој исто така рече дека оние земји кои воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина јасно ставија до знаење дека овие мерки не се однесуваат на храната и вештачките ѓубрива, но додаде дека сепак има одредено влијание врз извозот.
„Соочени сме со голем број пречки и тешкотии што треба да се надминат кога станува збор за превозот, осигурувањето и финансиите“, рече Гутереш на прес-конференцијата одржана заедно со турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.
Генералниот секретар на ОН рече и дека ОН соработуваат со Вашингтон и ЕУ за отстранување на тие пречки.
„Извозот на поголеми количества храна и ѓубрива од Украина и Русија е од клучно значење за дополнително смирување на стоковите пазари и за постигнување пониски цени за потрошувачите“, рече тој. Пред руската инвазија на 24 февруари, Русија и Украина сочинуваа една третина од светскиот извоз на пченица. Русија е исто така голем извозник на ѓубрива.