Атина, 19 март 2020 (МИА) – На скромна церемонија, пред празен стадион, без присуство на претставници од Организацискиот комитет на ЛОИ, без најавените гости, меѓу кои и грчката претседателка и јапонските спортисти, без новинари, но на церемонија со силна симболика, олимпискиот оган од грчката престолнина, тргна кон Токио, јави дописничката на МИА од Атина.
Програмата на церемонија претрпи промени во последен момент, одговорните за ЛОИ во Токио, поради мерките за заштита од коронавирусот не можеа да пристигнат. Претседателот на организацискиот комитет на Токио 2020 се обрати преку видео порака, не беа присутно двајцата јапонски спортисти кои со нивните грчки колеги требаше штафетно да го предадат огнот на Олимпискиот стадион во Атина, а грчката претседателка испрати писмена порака.
Двајца олимписки шампион штафетно го внесоа огнот на „Олимпискиот стадион“ во Атина, а оваа година, за прв пат, беа избрани две жени да бидат прва и последна во штафетното предавање.
Олимпискиот оган го прими Наоко Имото, поранешната јапонска пливачка која учествуваше на Олимписките игри во Атланта во 1996 година, а сега членка на организациониот одбор за ЛОИ и одговорна за образование во УНИЦЕФ Грција.
Претседателот на грчкиот Олимписки комитет, Спирос Капралос беше единствениот што се обрати од церемонијата на Олимпискиот стадион во Атина, рече дека за жал поради пандемијата биле принудени да го прекинат штафетното предавање на огнот низ Грција, а церемонијата на предавањето, не беше онака како што се планираше, но сепак, истакна дека „во секој случај олимпискиот оган не го губи сјајот“.
– Да се надеваме дека олимпискиот оган, симболот на мир и солидарност, ќе го победи вирусот уништи вирусот и ќе победи, а потоа олимпиското движење, обединето и ослободено од овој подмолен непријател ќе се собере во Токио за да го слави најголемиот спортски настан што го обединува целиот свет, рече Капралос.
Претседател на организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките игри во Токио, Јоширо Мори преку видео порака рече дека поради пандемијата морал да го откаже патувањето во Атина, кое ќе беше второ за него, откако пред 20 години како премиер ја посетил Грција.
Се осврна и на 140. деца од Јапонија, кои една година се подготвувале и требаше да учествуваат на денешната церемонија во Атина.
Рече дека олимпискиот оган што на 12 март беше запален во античка Олимпија, сега ќе замине за Токио, 56 години од Олимписките игри во Токио и објасни дека двајцата јапонски олимписки шампиони кои требаше да бидат во Атина за да го примат олимпискиот оган, сега ќе го пречекаат на аеродром во Јапонија.
– Планот за „Токио 2020“ и мотото е „Надежта ќе го осветли нашиот пат“. Се надевам дека огнот ќе ги осветли срцата на сите луѓе во Јапонија и во целиот свет и ќе ја осветли темнината во која што се наоѓаме во овој момент. Ветувам дека на 24 јули, огнот ќе биде запален на новиот „Олимпискиот стадион“ во Токио, рече Мори.
Претседателката на Грција Екатерини Сакеларопулу, во нејзината порака вели дека церемонијата на предавањето на олимпискиот оган има силна симболика.
– Античка Олимпија го осветлува патот кон Токио и сите Грци им посакуваме успех на Јапонците, организатори на годинешните Олимписки игри, истакна Сакеларопулу во писмената порака испратена до новинарите.
Олимпискиот оган од Олимпискиот стадион во Атина, со авион ќе замине за Јапонија.
Летните олимписки игри во Токио ќе се одржат од 24 јули до 9 август 2020. ср/зс/