Германија вчера ја повика Русија да ги деескалира тензиите со Украина и да се вклучи во дијалог за изнаоѓање дипломатско решение за кризата, јавува Анадолија.
– Она што сега го очекуваме од Русија се јасни чекори за деескалација и намалување на сегашните тензии во регионот. Во исто време, подготвени сме да се вклучиме во значаен дијалог со Русија за европските безбедносни прашања – рече Олаф Шолц, германски канцелар, во Берлин на заедничката прес-конференција со лидерите на балтичките земји.
Тој нагласи дека западните држави се обединети и подготвени да воведат строги санкции против Русија, доколку Москва направи дополнителни упади во Украина.
– Сакаме многу јасно да ставиме до знаење дека секоја натамошна воена агресија против Украина ќе има сериозни политички, економски и стратешки последици за Русија – нагласи тој.
Тој вети континуирана поддршка за балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија, кои се вознемирени од неодамнешните потези на Русија.
„Ние стоиме покрај вас“, рече тој, додавајќи дека Германија многу сериозно ја сфаќа загриженоста на своите сојузници.
Тој најави дека следната недела ќе отпатува за Украина и Русија.
Русија неодамна групираше повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва негираше дека се подготвува за инвазија, наведувајќи дека војниците се таму за вежби.