Околу 650 кривични постапки се отворени во Белорусија за немирите и протестните акции, од нив 70 се веќе испратени во судовите, изјави државниот јавен обвинител на Белорусија, Андреј Швед, во интервју за ТВ каналот „Белорусија 1“.
„На почетокот на октомври беа покренати околу 400 кривични постапки за масовни немири, насилни акции против полицајците и други службени лица. Во средината на октомври веќе имаше повеќе од 500 постапки. Денес станува збор за 657 кривични случаи“, рече тој.
„Оваа практика ќе продолжи – секој што нарушува нечиј живот, здравје, јавна безбедност ќе биде осуден на максимална затворска казна”, предупреди Швед.
Според него, значителното зголемување на бројот на покренати кривични случаи е показател за радикализирање на она што се случува во белоруското општество.
„Целото движење што ни се претставува како мирно одамна престана да биде мирно. Всушност, се води војна што доби екстремно радикални форми во изминатите неколку недели“, додаде Швед.
Белорусија ги одржа своите претседателски избори на 9 август. Според податоците на Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко доби 80,1 отсто од гласовите. Светлана Тихановска, која освои 10,12 отсто, одби да ги признае резултатите од изборите и ја напушти Белорусија.
Протести избија во главниот град на земјата Минск и во неколку други градови по гласањето за претседател, што доведе до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Крајниот рок за „Ултиматумот на народот“ од опозицијата истече во неделата на 25 октомври, а беше упатен до претседателот Александар Лукашенко од страна на сега веќе прогонетата поранешна претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја. Барањата вклучуваа оставка на актуелниот претседател, ослободување на политички затвореници и крај на насилството. Опозицијата ги повика работниците во индустриските претпријатија да започнат штрајк ако овие барања не бидат исполнети.