Речиси сите здравствени работници кои работат со ковид-пациенти низ државата се пријавиле за вакцинација, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој кажа дека оваа бројка изнесува 4.000 лица. Инаку во државата има вкупно околу 3.000 доктори и 9.000 сестри. Неодамна, Министерството за здравство излезе со податок дека резултатите од анкетата што ја спровеле, покажуваат дека меѓу 70 и 80 отсто од здравствените работници во јавните и во приватните здравствени установи, сакаат да се вакцинираат.
На состанокот се зборувало и за местото во Здравствен дом каде што ќе чуваат вакцините, односно каде што ќе бидат фрижидерите за вакцините што се очекува да простигнат од Кина, а кои се чуваат на температура од 3 до 8 степени.
„Штом ќе стигнат вакцините, може веднаш да започне вакцинацијата. Граѓаните преку матичниот доктор, во системот „Мој термин“ ќе можат да потврдат дека сакаат да се вакцинираат. Граѓаните над 70 години, влегуваат во овој прв круг на вакцинација. Сето тоа ќе оди преку матичен лекар. Понатаму ќе се одреди на кој пункт и во кое време ќе се изврши вакцинацијата, согласно местото на живеење“, информира министерот.
Toj вчера го потпиша договорот за набавка на вакцини против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со договорот, Република Северна Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200.000 вакцини кои ќе пристигнат овој месец. Од Министерството за здравство велат дека точниот датум на пристигање и сите други информации ќе се знаат деновиве.
„Почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласно со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи“, рекоа во министерството.
Вакцините од Кина во нашата земја ќе пристигнат на аеродромот во Скопје.