Утрински Весник
Свет

Околу 100.000 луѓе ги преплавија улиците на 50-от ден протести во Белорусија

Околу 100.000 луѓе ги преплавија улиците на 50-от ден протести во Белорусија

Приближно 100.000 луѓе во белоруската престолнина Минск излегоа во неделата на 50-от последователен ден на антивладини протести во земјата, пренесува „ Радио Слободна Европа“.

Групата за човекови права „Вјасна“ со седиште во Минск објави дека државните безбедносни сили привеле околу 380 лица во Белорусија за време на митинзите на 27 септември, кои се случија и надвор од главниот град. При протестите во саботата беа уапсени околу 150 лица.

Министерството за внатрешни работи на Белорусија објави слични податоци, велејќи дека повеќе од 350 лица биле приведени за време на демонстрациите, со што вкупниот број на апсења за време на викендот се искачи на околу 500.

Демонстрациите во неделата беа последните во речиси два месеца протести против резултатите од претседателските избори во Белорусија на 9 август. На изборите победи белорускиот претседател Александар Лукашенко – кој владее со Белорусија како нејзин прв и единствен претседател од 1994 година – и беше избран за шести последователен мандат на функцијата.

По изборите, неистомислениците излегоа на улиците отфрлајќи ги резултатите. Тие ја обвинија Државната изборна комисија дека со измама му ја предала победата на Лукашенко и го повикаа да се повлече. Белоруските државни безбедносни сили презедоа мерки против демонстрантите, приведувајќи приближно 12.000 лица од почетокот на протестите, според „Вјасна“.

Лукашенко официјално положи заклетва на церемонијата во Минск на 23 септември. На денот на инаугурацијата, белоруската државна новинска агенција Белта објави дека церемонијата се одвивала во главниот град со присутни неколку стотици високи владини претставници.

По претходно ненајавената церемонија, членките на Европската Унија и САД издадоа изјави во кои се вели дека не го признаваат легитимитетот на Лукашенко како претседател на Белорусија.

Демонстрациите во неделата делумно беа реакција на инаугурацијата на Лукашенко минатата недела. Демонстрантите ги организираа настаните како „инаугурација на народот“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk