Маврово, 17 април 2020 (МИА) – Во Маврово и околните населби до почетокот на 85 часовниот полициски час треба да дојдат околу две илјади гости. Некои се дојдени ден порано, но најголемиот доаѓаа денеска. Хотелите, рестораните и помалите угостителските објекти се затворени. Работат продавниците, каде има и најмногу автомобили. Се купува храна и продукти потребни за да се помине празничниот викенд. Раздвиженост има, но потрошувачката е сведена на минимум, се пожалија трговците.
МИА беше од утрово во Маврово. Раздвиженоста од луѓе и автомобили се зголемуваше околу пладне. Забележавме и луѓе кои рекреираа со прошетки и возење велосипеди околу езерото. Пред неколкуте продавници имаше помали групи кои пазареа. Според регистерските ознаки на автомобилите, најмногу беа скопски и гостиварски. Во разговорите со некои од нив ни кажаа дека празникот ќе го поминат во викендичките кои се нивна сопственост или кај нивни пријатели.
Мавровецот Влатко Томоски кој живее во викенд населбата Крстови не памети ситуација како актуелната. Според најавите и од она што го гледа, смета дека Маврово годинава за Велигден ќе биде попразно па дури и за половина од она што е вообичаено.
Пандемијата предизвикана од корона вирусот Ковид 19, целосно го промени животот во овој туристички центар. Тоа го потврдија и продавачите и угостителите
Празните сместувачките капацитети во Маврово за најголемиот православен празник се должат на продолжената забрана за движење на територијата на целата држава.
Единствено работат хотелите кои се прогласени за државен карантин и во кој се сместуваат македонските државјани кои допатуваа во земјава и повеќе западноевропски земји. Нив, според евиденцијата на МВР ги има 148.
Ален Омерагиќ менаџерот на Ресорт Маврово, вели дека хотелите Спорт и Лоџ ги пружаат договорените услуги.
– Ресорт Маврово за опслужување на лицата во државен карантин вкупно ангажира 11 лица. Од нив четворица во кујна, двајца за разнесување на храната и пет собарки. Сите лица сместени во нашите хотели добиваат храна три пати на ден, и нови постелнини и крпи на една недела, како што е наведено во Уредбата на Владата.
Омераги потенцира дека вработените обврските ги извршуваат почитувајќи ги сите безбедносни препораки, почнувајќи од ракавици, заштитни маски, средства за дезинфекцијата (поставени низ целиот објект), како и целосни заштитни одела кои се користат по потреба. Хотелите во целост се дезинфицираат на секои 5 пет дена додека лицата престојуваат. Деновиве ја испратија и првата група од 94, а моментално е сместена нова група од 63 лица во хотелот Спорт.
Првиот човек на општина Маврово Ростуше вчера упати апел во кој порача да не се доаѓа во Маврово без потреба и предупреди да се почитуваат мерките кои ги наложи Владата. Градоначалникот Куртовски потенцираше дека нема да забранат влез во Маврово и околните населби.
– Дновиве иамвме пооплаките од постојаните жители дека ќе дојдат гости од градови кои се сметаат за жаришта на ковид-19. Но, сепак околу езерото има викенд населби чии сопственици се од други градови и нормално е тие да престојуваат во нив. Сепак доколку се решат да дојдат, апелирам да ги почитуваат мерките и забраните за движење и да потсетам дека полицијата врши редовни контроли на подрачјето, рече Куртовски.
Некои од угостителите размислуваат да работат за викендот и да испорачуваат храна, но велат неизвесно е дали ќе се исплати.
Најмалку раздвиженост имаше во селото Ниќифорово, таму како што кажаа во дваесетина куќи и викендички ќе бидат отворени. Во соседното Леуново, бројката ќе биде двојно поголема. Најмногу посетени ќе бидат во селото Маврово и околните викенд населби. Пред напуштањето на мавроскиот регион, забележително беше и големиот број на возила, особено во Маврови Анови, место во кое традиционално се застанува за да се купат продукти.
Зоран Маџоски