Скопје, 4 април 2020
Владата на Република Северна Македонија на денешната 34-та седница, донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението (полициски час) во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21:00 часот во петок (денеска) до 05:00 часот во понеделник (06.04.2020 година).
Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) кои своите работни ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Владата ја прифати информацијата на Комисијата за заразни болести која препорача сите вработени во здравствениот систем кои се од Куманово, а работат во други градови во државата, да се стават на располагање на болницата во Куманово.
Ќе се определат инфектолози од другите градови во регионот, Крива Паланка и Кратово, кои ќе бидат повлечени за да работат во Центарот за јавно здравје во Куманово.
Здравствениот персонал што ќе биде ангажиран како дополнителен, ќе работи најмногу 14 дена, а потоа ќе биде заменет со нов тим според систем на ротација.
На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од испраќање Писмо за намери до Меѓународниот монетарен фонд за користење на финансиска поддршка од Инструментот за брзо финансирање (Rapid Financing Instrument), после првичниот позитивен одговор од страна на ММФ за можностите кои и се нудат на нашата земја за искористување на овој Инструмент за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на КОВИД-19.
Владата ја разгледа и усвои Уредбата за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба, со која се уредуваат условите и постапката за интервентна набавка на 200 респираторни машини заради спроведување на мерките за справување со коронавирус КОВИД-19 за време на траење на вонредната состојба, согласно спецификација уредена со Уредбата со законска сила. За оваа набавка Министерството за здравство ќе објави јавен повик на својата веб страницата, кое ќе трае 72 часа од моментот на неговото објавување. Оценка на пристигнатите понуди ќе ја врши тричлена Комисија од редот на вработените административни службеници формирана од Министерството за здравство.
На седницата на Владата е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба.
Според Уредбата за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, усвоена од Владата на денешната седница, која го регулира поднесувањето на пријави во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за реемитување на програмски сервиси на странски радиодифузери кои операторите планираат да ги реемитуваат на својот програмски сервис за територијата на Република Северна Македонија, операторите ги доставуваат пријавите во ААВМУ. Подзаконските акти донесени од ААВМУ согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги продолжуваат да се применуваат се до донесувањето на соодветните подзаконски акти определени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Владата денеска ја донесе и Уредбата за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба со која се уредува финансиската поддршка на самостојните уметници за месеците април и мај 2020 година во месечен износ од 14.500,00 денари.
На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба, според која во периодот на пандемијата се воведува ограничување на висината на трошоците кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, како што е казнена камата, опомени и други трошоци поврзани со нередовно плаќање на обврските и истите не смеат да надминат 30% од износот на одобрениот кредит.
Со членот 3 се предвидува глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност за кредиторите кои нема да ја почитуваат уредбата со законска сила.
Министерството за финансии предложи, а Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за лизинг за време на вонредна состојба.
Согласно оваа Уредба, во период од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица ќе плаќаат најмногу до 30% од обврските по договорите за финансиски лизинг склучени заклучно со 31 март, при што рокот на плаќање на месечните ануитети, односно периодот на отплата се продолжува за најмалку 90 дена. Давателите на финансиски лизинг во периодот април – јуни нема да пресметуваат и наплатуваат било какви трошоци (камати, провизии). Обврските по основ на помалку платени ануитети во периодот од 1 април 2020 година до 30 јуни 2020 година рамномерно ќе се распоредат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 јуни 2020 година. Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година давателите на финансиски лизинг можат да ги менуваат и другите услови само заради олеснување на условите, а на корисниците кои во тој периодот редовно ќе ги отплаќаат обврските, давателите на финансиски лизинг можат да им дадат други поволности во однос на отплатата на обврските.
Во Уредбата се уредува начинот на олеснување на условите под кои се склучени договорите за финансиски лизинг со правните лица.
Министерството за финансии може да ја одземе дозволата за основање и работа доколку давателите на финансиски лизинг не постапуваат согласно оваа уредба со законска сила.
Исто така беше донесена и Уредба за примена на Законот за финансиските друштва за време на вонредна состојба, која предвидува во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати.
Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која на трговците на агруми свежи или сушени и тоа: портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони, им се забранува да вршат трговија на мало на крајни потрошувачи во објектите кои се наменети за трговија на големо на овие стоки (магацини, складови за трговија на големо, на пазарите за трговија на стоки на големо, како и во други деловни простории кои ги исполнуваат условите пропишани со закон и друг пропис).
Одлуката е врз предлог на Државниот пазарен инспекторат, бидејќи инспекторите констатирале дека на терен трговците на големо вршат манипулација и прикажуваат промет остварен во најголем дел од трговија на мало, а не од трговија на големо иако истите не располагаат со продажни објекти наменети за трговија на мало.
На оваа 34-та седница е донесена и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица, со која на правните и физичките лица кои се извозници на брашно од пченица и наполица, во текот на еден месец да може во висина од 70 проценти од вкупно произведената количина на брашно од пченица и наполица во претходниот месец, да ја извезуваат, а 30 проценти да остане за потребите на домашниот пазар.
Ваквото ограничување ќе се спроведува по пат на издавање на дозволи од Министерството за економија преку едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки-ЕХИМ, под име на лиценца Е004 МЕ.
Извозникот на брашно од пченица и наполица е должен пред да поднесе барање за издавање на дозвола, во Министерството за економија ќе треба да достави доказ (финансова материјална картичка) за вкупно произведената количина и продадената количина на домашниот пазар на брашно од пченица и наполица.
Министрите на денешната седница на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), усвоија неколку уредби кои ќе се применуваат за времетраење на вонредната состојба.
Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за инспекциски надзор се предвидува одложување на полагањето на испитот за стекнување на инспектор со лиценца, спроведување на обуките за стекнување на инспектор со лиценца, како и стручното усовршување и обука на инспекторите за време на траењето на вонредната состојба.
Беше усвоена и Уредбата со која се уредува постапката за издавање на дозволите за движење во време во кое е утврдена забрана за движење за време на траењето на вонредната состојба, а кое се регулира од страна на Министерството за информатичко општество и администрација.
Издавањето на дозволи за движење во време во кое е утврдена забрана за движење за време на траењето на вонредната состојба, кое го врши МИОА се издава на:
– вработените во органите на државната власт,
– вработените во здравствените установи од јавниот и приватниот сектор,
– медиумските работници и другите вработени во медиуми кои се дел од мобилните екипи на медиумот,
– вработените во пекарите и бурекџилниците, со најмногу до пет вработени,
– вработените во погребалните претпријатија,
– членовите на општинските кризни штабови, и
– физичките и правните лица за кои претходно дозвола дал Главниот координативен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19.
Барањето за издавање на дозвола за движење за определените лица се поднесува преку Националниот портал за електронски услуги кој го води МИОА, каде што се објавени и условите кои треба да бидат исполнети за да се стекне правото на дозволите за движење во време во кое е утврдена забрана за движење за време на траењето на вонредната состојба.
Сектор за односи со јавноста
Влада на Република Северна Македонија
__________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки