Скопје, 23 февруари 2020 (МИА) – Град Скопје најавува дека од следниот викенд воведува ред за локациите и површината на која ќе може да работат мобилните продавачи, по реакциите на посетители дека се узурпираат патеките во стариот дел на Градски парк со натрупување на подвижни приколки.
Јавниот повик за пријавување интерес за користење локации за поставување урбана опрема во Градски парк е завршен, а, како што наведуваат од Град Скопје, во текот на следната недела ќе бидат избрани мобилните продавачи.
Согласно условите во јавниот повик, заинтересираните продавачи аплицирале за поставување урбана опрема на 21 локација со еднаква максимална површина во двата дела во Градскиот парк.
Избраните мобилни продавачи ќе добијат дозвола за користење на обележана локација од 1 март, без можност да отстапуваат од утврдената површина на локацијата.
Секој продавач ќе треба да се грижи за чистотата на површината на добиената локација. Со одобренијата за локации ќе се реши хаосот со натрупување на повеќе продавачи на едно место во Градскиот парк, на сметка на слободниот простор за движење на посетителите, велат од Град Скопје.
Изгледот на подвижните објекти и апарати, се додава во соопштението, нема да го нарушува амбиентот на Градски парк и нема да има негативни еколошки влијанија врз околината (задолжително е користење агрегат за напојување со електрична енергија, со ниска бучавост, високо квалитетен со сертификат за ниска емисија на штетни гасови, а не индустриски агрегат).
-Најважно е што сопствениците се обврзани отпадот да го фрлаат во посебни корпи за отпад, а не во кантите што се поставени во паркот, со што ќе се подобри хигиената во паркот. Исто така, со одобренијата ќе биде регулирано работното време и дотурот на роба, а мобилните продавачи нема да можат да користат озвучување и слични системи за пуштање музика, се додава во соопштението. ац/