Скопје, 14 мај 2020 (МИА) – Светската економија, а во нејзини рамки и македонската се соочуваат со рецесијата како последица од силниот шок детерминиран од пандемијата, чиишто брзина на ширење и опфат се специфични и носат бројни неизвесности и ризици, а последиците најдиректно се условени од времетраењето на пандемијата. Наспроти ова, тешките времиња ја поттикнуваат иновативноста, креативноста и новите идеи и од тие причини, економското опоравување, според експертите, освен од мерките на економската политика, ќе зависи од навременото и проактивно реагирање.
Ова се заклучоците од последната од серијалот Корона дијалози на тема „Влијанието на новите предизвици од пандемијата врз економијата“ во организација на УКЛО и во соработка со Економскиот факултет од Прилеп, на која свои осврти изнесоа министерката за финансии Нина Ангеловска, професорите Глигор Бишев, Гордана Трајкоска, Оливера Костоска, Мирослав Гвероски и Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија.
Модератот и иницијатор на Корона онлајн дијалозите проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски, информираат од УКЛО, посочил дека темата е исклучително интересна зашто не опфаќа сите нас и нашето секојдневно живеење.
Министерката Ангеловска дала слика на економските мерки, очекувањата и генералните проекции истакнувајќи притоа дека донесените, но и новите, планирани мерки кои значат директна поддршка и помош за граѓаните и домаќинствата треба да помогнат во намалување на негативните ефекти од кризата, бидејќи ја јакнат јавната потрошувачка. Новиот сет мерки, според министерката, од една страна е насочен кон групи граѓани, од друга кон одредени сектори, сегменти и индустрии.
Одговарајќи на повеќе прашања, Ангеловска меѓу другото најави поддршка и за студентите, како и во едукацијата во ИТ секторот и дигитализацијата.
Бидејќи кризата е иницирана од здравствениот сектор носи со себе бројни неизвесности и ризици и за финансиските институции оценува Глигор Бишев. Тој се осврна кон носечките предизвици на долг рок. Според него, загрижуваат неповолните економски движења и во земјите членки на ЕУ бидејќи 50 проценти од вкупно заразените лица се од Европа, најважниот трговски партнер на нашата држава. Во мометот, банкарскиот сектор ја задржува капиталната сила, но, можно е влошување на кредитната наплата, ако продолжи здравствената криза.
Во освртот за преземените мерки за спас на економијата во услови на пандемија, проректорот на УКЛО, проф. д-р Гордана Трајковска предложила похрабри даночни политики и мерки на контрола насочени кон стимулирање на економијата, како и воведување нов данок на добивка што би бил во прилог на добивање економска битка со Ковид -19. Таа констатира дека мерките што се преземаат, во кои се вклучени и капиталните инвестиции, дополнително ќе ги дадат резултатите, зашто тоа се мерки кои планираат борба со Корона кризата на подолги патеки и овозможуваат значајна поддршка на деловните субјекти, особено оние коишто се најпогодени од ефектите на кризата.
Потребно е воспоставување нови приоритети во постоечките трошења, поддршка на ранливите популации, економски стимуланси за малите и неформални бизниси, истакна професор Оливера Костоска според која што обемот и брзината на економското опоравување ќе зависат од мерките на економската политика – истите треба да бидат брзи и насочени кон сè што е потребно.
Професорот Мирослав Гвероски се осврна на неопходните мерки што треба да се насочат кон решавање на последиците од кризата. Очекува последиците да траат кратко и смета дека е потребно реформирање на најпогодените сектори и промена во структурите на економиите, поддршка на претприемачите и долгорочно стимулирање на супституцијата на увозот.
Сите расположиви капацитети на Стопанската комора се ставени на располагање за поддршка на бизнис заедницата и економијата, истакна директорката Анета Трајковска. Таа ги изнесе моменталните согледувања и прогнози по сектори, во услови на намалена ликвидност на компаниите, намалена продуктивност и извоз. Бизнисот бара едноставни и лесно применливи мерки насочени кон точно дефинирани сектори и покрај краткорочните, потребни се и долгорочни мерки со долгорочни ефекти за обезбедување раст на економијата.
Серијалот продолжува наредната среда со нова тема. аа/дма/