Утрински Весник
Македонија

Одличните ученици Роми наградени од Општина Делчево

Одличните ученици Роми наградени од Општина Делчево

Делчево, 8 април 2020 (МИА) – По повод Меѓународниот ден на Ромите – ,,8 Април“, Општина Делчево и годинава додели парични награди на тројцата најуспешни ученици од ромска националност.

Целта на оваа активност како што истакнаа од Општината е мотивација за постигнување на уште поголеми резултати од страна на учениците.

-Во согласност со постигнатиот успех на учениците и податоците добиени од образовните институции, наградата од 10.000 денари за најдобар среднишколец Ром од делчевската гимназија, годинава се доделува на ученикот Џастин Мемедов, ученик во III година гимназиско образование од општествено-хуманистичко подрачје, кој има примерно поведение и просек од (4,08). Пет илјади денари за најдобар ученик  Ром, општината ќе додели и на деветооделенката Џенифер Фатмир Мемедова, од ООУ „Ванчо Прке“ која има просек (4,47) и примерно поведение. Последната награда од 3000 денари општината ги доделува на Мелани Зекировска, ученичка во деветолетката „Св.Климент Охридски“ од Подрачното училиште во село Тработивиште со просек од 3,57, информираа од општината.

Честитајки им го успехот на учениците и на сите припадници на Ромската заедница во Делчево, градоначалникот Горан Трајковски истакна дека делчевските Роми се е високо интегрирани во заедницата.

-Со задоволство сакам да истакнам дека ромската заедница во Делчево е со висок степен интегрирана и не живее во гето, а за пофалба е и тоа што кај нас нема деца просјаци. Главно на жителите од оваа заедница им се решени поголемите инфраструктурни проблеми, но свесни сме дека има уште за решавање, рече  Трајковски.

Исто така, според Трајковски, Општина Делчево има изработено низа стратешки документи и акциски планови кои ја дефинираат рамката за делување на Општината и решавањето на актуелните проблеми на Ромите. Тој додаде дека остануваат и понатаму заложбите за реализација на сите отворени прашања поврзани со Ромите.

Поради КОВИД-19 сите активности поврзани со одбелувањето на овој значаен датум за Ромската заедница во Делчево се сведени на формалност. вс/оџ/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава

СДСМ: Божиновска и Мицкоски да кажат каде се 1 милион евра?