Утрински Весник
Македонија

Одбележани пет години од загинувањето на тетовските полициски специјалци во Куманово

Одбележани пет години од загинувањето на тетовските полициски специјалци во Куманово

Тетово, 9 мај 2020 (МИА) –  На православните гробишта во Тетово и Брвеница беа одбележани пет години од загинувањето на припадниците на специјалните полициски единици, Сашо Самојловски и Жарко Кузмановски, во антитерористичката акција во Куманово на 9 мај 2015 година. Почит им оддадоа претставници на повеќе организациони единици на МВР како и од Синдикатот на полициските службеници.

-Немилиот настан во Куманово остави длабока трага, настан кој не е расчистен иако има пресуда, но остана нерасчистено под кои околности и како се случи. Жална е сликата што тука ја гледаме денес за сите загинати. Припадниците на МВР никогаш не жалеле и штеделе своите животи, а затоа на сите нас останува на совеста и одговорноста да се грижиме и за припадниците и за нивните семејства и за грагаѓаните. Нека им е вечна славата на оние кои загинаа, за да живееме денес слободни, истакна Славјанка Петровска, дополнителен заменик – министер во МВР.

Кирил Бунгуров од кабинетот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев истакна дека денеска се потсетуваат на вечните херои и на настан, кој беше еден од најголемите предизвици за македонската полиција и безбедносни системи, настан после кој во делот на безбедноста веќе ништо нема да биде исто.

-Сите оперативни акции и планови се менуваат после кумановската населба Диво Насеље. Тука сме да одадеме почит на нашите херои кои на браникот на она што е одбрана на сопствената чест и достоинство, на својата татковина го дадоа најсветото нешто, тоа е сопствениот живот во најубавите години во младоста. Луѓе кои можеа уште да придонесат за сопствениот народ и за сопствената фамилија, изјави Бунгуров.

Семејствата на загинатите организираа помен на гробовите на Самојловски и Кузмановски. ас/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош