Ширењето на корона вирусот и мерката карантин со себе донесе многу предизвици за граѓаните. Нивното секојдневие се смени буквално од корен. Младите се соочија со предавања во своите соби, а дружбата ја остваруваат преку социјалните мрежи и интернет алатките за видео повици.
Александра Огнаноска, студентка на Филолошкиот факултет во Скопје вели дека нејзиното секојдневие значително се сменило, а со оглед на воведените мерки за ограничено движење, ретко излегува од дома.
„Ме растажува фактот што не сме во можност да ги посетиме нашите омилени кафе-барови, книжарници, библиотеки, сами или во дружба со нашите пријатели. При секоја кратка “прошетка” до маркет, ги земам предвид мерките за одржување оддалеченост, а воедно и ја впивам убавината на пролетните пејсажи околу мене на таквата мини-авантура. Како што запишал англискиот романтичарски поет Џон Китс: “Убавината е вистина, вистината – убавина – тоа е сè што знаете на земјата и сè што треба да знаете”. Цитат што често ме охрабрува да го пронајдам убавото и во ова време-невреме“ – вели Огнаноска.
Нејзиното секојдневие сега го исполнува така што гледа филмови и серии за кои што одамна имала во план да ги погледне, како и читање на омилените книги од детството.
„Како што минуваат деновите, астрономијата сè повеќе ми станува предмет на интерес, а активно се вклучувам и во изучувањето на шведскиот јазик и испробувам рецепти во кујната“, вели Александра.
За себе смета дека голем дел од нештата што ги правела претходно ги практикува и денес. Со исклучок на активностите надвор како: одење на факултет, кафе-пиење со пријателите или посета на блиските од фамилијата. Како одминува времето во карантин, забележала промени и во чувствата и расположението.
„На почетокот на ширењето на вирусот се чувствував анксиозно, збунето и разочарано. Сигурна сум дека секој од нас имаше скроено планови. Се чувствував бомбардирана со информации на социјалните мрежи. Сè поголемата раширеност ме извади од колосек и ја наруши мојата благосостојба. Но, од средината на април започнав да ја менувам перспективата врз ситуацијата и да го подобрувам моето ментално и емоционално здравје. Безбројните мисли што ми минуваат низ глава допуштам да бидат, без да скокам во заклучоци или да реагирам на нив. Може да се каже дека веќе се навикнав на ситуацијата“, вели Александра.
Откако ги прифатила своите чувства за ситуацијата, станала посреќна, додава таа. За да се чувствува полесно во моментите кога ѝ е тешко во овие услови вели дека најмногу ѝ помогнала физичката активност, вежбањето и танцувањето кои ѝ ги разбиструваат мислите.
„Започнав да го ограничувам времето на седење на социјалните мрежи, како и содржината на која сум изложена. Комуникацијата ни помага да останеме поврзани со нашето семејство и пријателите. Така што искрениот и отворен разговор околу нашите чувства за ситуацијата значително ни помага на сите. Кога се чувствувам тешко, практикувам да медитирам, да поминам време сама и да пуштам еден од смирувачките албуми на Laura Marling, Joni Mitchell, The Tallest Man on Earth, Roo Panes“, објаснува таа.
Студентката вели дека најмногу ја израдувал фактот што загадувањето се намалило откако започнало ширењето на корона вирусот.
„Целиот свет застана и забави. Дури и Њујорк – град што „никогаш не спие”, го надвладеа сонот. Ситуацијата уште повеќе го зацврсти мојот став да не го земаме животот здраво за готово и да одолговлекуваме, туку да го зграпчиме моментот кога можеме и да ги почитуваме и цениме нашите најблиски. Ако може да се научи нешто од оваа ситуација, тоа е што многумина ќе погледнат врз нивните вредности, ќе се запрашаат што навистина им е важно во животот. Со нетрпение чекам да заврши вирусот, да влезе во „неговата пештера”, и да видиме што ние, како човештво, научивме од целата ситуација“, додава Александра.