Утрински Весник
Македонија

Објавени детали за начинот на кој двајца осомничени го запалиле автомобилот на сопругата на Шилегов, одреден им е притвор

Скопското основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 24 и 22 години, за кои постои основано сомнение дека сториле тешки дела против општата сигурност.

Станува збор за случајот во кој на 9. март годинава опожарен беше автомобилот на сопругата на поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, а пожарот се прошири уште на три возила.

Како што информираат од обвинителството, со кривичната пријава за истиот настан било опфатено уште едно лице за кое надлежниот обвинител донел решение за отфрлање на пријавата, бидејќи за него не се утврдени елементи на кривично дело.

„Двајцата осомничени соизвршители, на 9 март, со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето. Првиот осомничен повикал такси возило во Ѓорче Петров и влегол на совозачкото седиште, носејќи со себе пластична туба со жолта течност. На таксистот му кажал да вози до улицата ‘Козле’, каде во возилото се качил вториот осомничен. По пат двајцата се договарале за начинот на кој ќе го извршат кривичното дело. Од такси возилото се симнале на булеварот ‘Партизански одреди’ и продолжиле да се движат пеш.

Кога пристигнале на улицата ‘Мексичка’, двајцата осомничени со течноста полеале паркиран автомобил ‘aуди Q5’ и го запалиле. Пламенот се проширил, па освен автомобилот ‘aуди’, целосно изгорел и автомобил ‘фолксваген пасат’, додека делумно биле зафатени и оштетени уште два други автомобилa и еден објект. Со тоа осомничените предизвикале поголема имотна штета“, се наведува во соопштението од обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување притвор за двајцата осомничени, бидејќи постојат околности кои упатуваат дека би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото.

Судијата го прифатил предлогот и на осомничените им определил притвор во траење од по 30 дена.​

Можете да прочитате

Тренчевска: СДСМ поднесе амандман за обезбедување 1,2 милијарди денари за поддршка на настраданите во трагедијата во Кочани

Штипскиот матурант Марио Ванчоски освои сребрен медал на Меѓународната 57. Хемиска олимпијада во Дубаи

Петрушевски: Пожарите не се палат сами, излегуваат снимки од кои се гледа како ги палат