Скопје, 8 мај 2020 (МИА) – На Јутјуб се појавија четири аудио снимки од разговори на кои се слушаат гласови кои наликуваат на оние на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на трето обвинетиот во случајот „Рекет“, Зоран Милески Кичеец и на една жена, кои според контекстот на дијалозите најверојатно се водени во периодот пред претседателските избори минатата година, кога се одржаа и избори за градоначалник на Охрид.
На првата снимка гласот што наликува на оној на Мицкоски, раскажува за негов престој во Охрид при што споменува дека дури го посетил и изборниот штаб на СДСМ, каде му доделиле пропаганден материјал.
На втората снимка, гласот што наликува на овој на Кичеец говори за состојбата на терен во Охрид пред изборите, при што му споменува на Мицкоски: „Кога разговаравме последниот пат ви кажав“. Кичеец при тоа предвидува дека резултатот од изборите за градоначалник на Охрид ќе бидат тесни и дека сигурно ќе има втор круг.
Тој споменува име на извесен Бено, кој го прикажува како влијателен меѓу Египќаните во Охрид, при што наведува дека во минатото им било многу ветувано и од Мартин Протуѓер и од поранешниот охридски градоначаник Бакрачески, но дека ништо од тоа не било исполнето, „па тие се свртиле кон СДСМ“.
– Тој е Египќанец, тој е човек, не бара да го вработиш директор – метлар, такви работи, вели Кичеец.
По „аналзата“ од страна на Кичеец за можните резултати од гласањето во првиот круг во Охрид, Мицкоски вели: „Првиот круг ќе оставиме вака, ама вториот ќе направиме нешто“.
На третата снимка гласот на Мицкоски вели: „После 21 април многу работи ќе бидат поинаку и сите тие што ме потценија, по 21 април нема да имаа така мирна совест“.
– Тебе не треба никој да те побара. Јас и ти треба да имаме дирекна комуникација, не преку Петко, Трајко, Станко. Се што договаравме, треба јас и ти да договораме, му се обраќа Мицкоски на Кичеец.
– Јас сум претседателе човек извршител. Мене кога ќе ми дадете задача, ќе ја извршам. Јас сум таков, вели Кичеец, споменувајќи можне средба на Мицкоски со Орце Камчев.
Во последната снимка Мискоски повторно потенцира дека по 21 април ќе се знаат многу работи..
– Или ќе имаме лош резултат и ќе нема потреба од мајски преврат и самиот ќе си заминам или ќе имаме добар резултат и нема да биде ништо исто во ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, додавајќи дека тогаш ќе му треба соработка од Кичеец на терен.
Претседателските избори и изборите за градоначалник на Охрид се одржаа на 21 април 2019 година. сп/ац/