Утрински Весник
Македонија

Обезбедена нова финансиска помош за 1000 лица од ранливите категории

Обезбедена нова финансиска помош за 1000 лица од ранливите категории

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, денеска ја најавија новата финансиска поддршка наменета за 1000 корисници на Гарантирана минимална помош, во чии домаќинства има член над 69 години.

Тие информираа дека овие лица ќе добијат еднократна помош во висина од 4.685 денари, средства наменети за покривање на здравствените трошоци предизвикани од староста, болеста, видот и степенот на попреченост, обезбедување на основни средства за домаќинството или да се задоволат други потреби кои ги имаат овие корисници.

Финансиската поддршка се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на стари лица и лица со попреченост во време на Ковид 19 и идни катастрофи“, на Црвениот крст на Република Северна Македонија подржан од Европската Унија, Австриска Агенција за развој и Австрискиот Црвен крст.

Министерката Тренчевска истакна дека Министерството за труд и социјална политика континуирано работи на унапредување на социјалните права и услуги во државата, со цел да обезбеди заштита и да ги подобри условите за живеење на сите граѓани во државата, со акцент на најранливите категории.

„Оваа Влада ја воведе Гарантираната минимална помош, со што значително се зголемија трансферите кон семејствата кои имаат ниски или воопшто немаат приходи, се воведе универзален детски додаток, со кој бројката на деца корисници на ова право се зголеми од 3.724 на 21.886, се воведе додатокот за образование за децата и во основно и во средно образование и со тоа бројката на корисници се зголеми од 3.800 на 28.749, се воведе таканаречената социјална пензија, а надоместокот за скратено работно време се зголеми на висина на 50% од просечната нето плата и постојано се работи на развој на нови услуги,“ рече Тренчевска.

Таа се осврна и на најновите мерки, креирани како одговор на здравствената и енергетската криза и случувањата во Украина. Финансиска поддршка од 1000 денари во наредните три месеци за околу 36.000 граѓани од ранливите категории и 330.000 пензионери во државата. Истовремено, бележиме и раст на минималната плата на 18.000 денари.

Генералниот секретар, Саити информираше дека, корисниците на Гарантирана минимална помош се мапирани во соработка со Министерството за труд и социјална политика, и се семејства кои се социо-економски ранливи и лица со попреченост.

„По исплатата на финансиската помош, која треба да се реализира до 31 март, волонтери на Црвениот Крст ќе ги посетат сите 1000 семејства, со цел да се процени употребата на финансиската помош обезбедена преку проектот во месеците април и мај.

Министерката Тренчевска изрази благодарност до Црвениот Крст на Република Северна Македонија, кои се секогаш тука да и помогнат на државата во справување со кризни состојби и да обезбедат помош и поддршка на најранливите категории во општеството.

При денешната посета на Црвениот Крст, министерката Тренчевска го посети и Центарот за обуки на Црвениот крст на Северна Македонија, каде се спроведуваат обуки согласно 4 верификувани програми, за негователи за помош и нега во домот, лична асистенција на лица со попреченост, палијативни негователи за изнемоштени лица и асистенција за нега на лица со алцхајмерова болест.

Можете да прочитате

Уметници од Новогодишниот концерт во Скопје останаа без хонорари, се подготвуваат тужби

Никола Пановски доживеал хорор: Паднал од велосипед пред возило џип – за малку да ме прегазеше

Традиционален концерт по повод Василица 2025 на 11 и 13 јануари во Националната опера и Балет