Првите седум контејнери со чист линдан, секој од нив тежок по 22-26 тони, вчера попладне излегоа од ОХИС и тргнаа на пат кон солунското пристаниште од каде ќе заминат за Франција, информира Министерството за животна средина.
„Со ова започна транспортот на опасниот историски отпад од малата депонија од поранешниот индустриски гигант ОХИС. Како што беше посветено посебно внимание на безбедноста на самиот процес на ископување на линданот и неговите изомери складирани во малата депонија на поранешниот гигант ОХИС, исто така координирано, прецизно и крајно внимателно, со особено залагање на искусни професионалци кои си ја знаат својата работа до најситен детаљ, беше извршена подготовката за транспорт што подразбира пакување и товарање и самото транспортирање“, изјави Нуредини.
Целиот процес, појасни тој, се водеше со посебна внимателност и почитување на меѓународната регулатива за прекуграничен транспорт на опасен отпад по Базелска конвенција и сега е најважно оваа пратка да стигне безбедно до крајната дестинација.
Во наредниот период, истакна дека уште 20 контејнери ќе бидат товарени и транспортирани од државата со што завршуваат активностите опфатни со ГЕФ проектот што се реализира преку УНИДО.
„Но, ископот во континуитет ќе продолжи со користење на средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС во сорабoтка со UNOPS“, посочи Нуредини.