Норвешка е првата земја во светот која што успеа во текот на една година да продаде повеќе електрични автомобили во споредба со возилата што сообраќаат на бензин, дизел и хибридни возила заедно. Лани дури 54,3 отсто од сите продадени автомобили во Норвешка биле на електричен погон на батерии, што претставува светски рекорд и претставува зголемување на уделот на електричните автомобили во споредба со 2019 година, кога 42,4 отсто од продадените автомобили биле на електричен погон на батерии, јавуваат „Гардијан“ и „Индепендент“.
Ваквата продажба на нови автомобили во Норвешка е во согласност со поставената државна стратегија за целосно искоренување на продажбата на бензински и дизел автомобили во земјата најдоцна до 2025 година. Норвешките власти се сигурни дека се наоѓаат на вистинскиот пат за да ги постигнат целите зацртани за 2025 година.
Прогнозите на властите за 2021 година предвидуваат уделот на електричните автомобили меѓу продажбата на нови возила во следните 12 месеци да се искачи на 65 отсто од пазарот на нови автомобили во Норвешка.
Спектакуларни се и бројките што ги постигна норвешкото општество за напуштањето на навиката за купување на дизел возила, кои се сметаат за главни загадувачи на воздухот во делот на патниот транспорт. Во 2011 година дури 75,7 отсто од продадените возила на норвешкиот пазар го користеле дизел горивото за придвижување, додека лани само 8,6 отсто од продадените автомобили биле на дизел погон.
Светските производители на електрични автомобили се натпреваруваат во Норвешка, која традиционално со години наназад важеше за еден од најголемите производители на нафта во светот. Сепак, овој факт не ги спречи норвешките власти да воведат строги мерки за забрана на продажбата на возила што го користат бензинот и дизелот за нивното движење. Притоа, тие воведоа и даночни олеснувања и финансиски стимулации за да се зголеми продажбата на електрични автомобили меѓу граѓаните на една од најбогатите држави во светот.