Гевгелија, 24 февруари 2020 (МИА) – Уредувањето на тротоарите од двете страни на улицата „Миле Пецанов“ во Гевгелија, која стана многу фреквентна поради близината на градскиот пазар, продолжува непречено и влегува во завршна фаза.
Од јавното комунално претпријатие денеска потврдија дека на површина од 1.000 квадратни метри се поставуваат бекатон плочки, под кои е поставен и систем капка по капка за наводнување на садниците од јавор кои веќе се поставени на своите места.
Од Општина Гевгелија, која е инвеститор на јануарските градежни активности за комунално уредување, вредни околу 380.000 евра, меѓу кои спаѓа и овој проект, велат дека градежната постапка е почната пред повеќе од еден месец што значи дека не е ограничена во реализацијата и покрај тоа што се наоѓаме во период на закажани предвремени парламентарни избори.
Инвеститорот и изведувачот на работите велат дека реализацијата на проект кој е актуелен поради потребата од обезбедување простор за пешаците е во завршна фаза и дека по него општината ќе се воздржи од нови активности и проекти во областа на комуналното уредување. им/вј/