Утрински Весник
Македонија

Нов смет на старо место во Тетово

Нов смет на старо место во Тетово

Тетово, 17 јуни 2020 (МИА) – Несовесни граѓани повторно фрлаат смет и кабаст отпад на старо место – на влезот во градот од правецот на Скопје каде порано беше претоварна станица и создадена дива депонија. Сметот е фрлен долж патот кој претставува влез и излез од градот кон стариот пат Тетово-Скопје, а воедно и економска зона во градот каде функционираат повеќе деловни субјекти. Оставени се делови од мебел, комунален отпад но и смет кој се забележува дека е остаток од фарбичко производство.

Од август 2019 земјиште во атарот на селото Фалише е новата локација каде јавното комунално претријатие Тетово ја користи како претоварна станица, а воедно се посочува на граѓаните како место каде може да однесат кабаст и друг поголем отпад.

-Цврстиот отпад како мебел за домаќинства, санитарна опрема, градежни материјали, гранки од дрвја и слично не треба да се остава на места каде што е забрането бидејќи освен што ја загадува животната средина, предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад. Отпадот може да се однесе на новата претоварна станица на патот Тетово кон Фалише, велат од јавното комунално претпријатие „Тетово“.

Низ градот постојат неколку места „црни точки“ каде постојано има големи купишта смет за кои граѓаните реагираат дека е потребно и поголем ангажман од комуналците за собирање и носење на отпадот. Таква е состојбата во коритото и кејот на реката Пена, пред православните гробишта, околу стариот градски стадион како и кај недоградената спортска сала кај спортскиот центар. Честа слика се и преполните контејнери.ас/см/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Приведен косовски државјанин баран од Интерпол на ГП Богородица

Муцунски очекува инцидентот со Вјоса Османи мирно да се реши

Приведен крадец во Куманово – 24info.mk