Скопје, 1 јуни 2020 (МИА) – Во тек се градежни активности на основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче. За изградбата на ОУ „Димитар Македонски“ работен состанок денеска имаа градоначалникот на Аеродром Златко Марин и заменик-министерката за образование Елизабета Наумовска во просториите на Општината.
Како што информираше Наумовска, новиот објект е со површина од 2840 квадратни метри и со капацитет за 700 ученици во две смени. Училиштето ќе биде опремено со кабинети по современи стандарди, простории за наставниците, за дневен престој и кујна.
Градоначалникот Марин посочи дека оваа година главен фокус на Општина Аердором е подобрување на условите во образованието, спортот и грижата за младите. Тој ја запозна министерката со планираните активности од областа на образованието за оваа година.
Општината планира проширување на капацитетот на училиштето „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче со четири нови училници, реконструкција на спортската сала во ООУ „Димитар Македонски“, санирање на објектите на училиштата и градинките, изградба на лифтови за деца со посебни потреби во две училишта, како и набавка на смарт-табли и друга современа ИКТ-опрема за сите училишта, спортска облека за учениците од спортските клубови во сите училишта и нова опрема за спортските сали. хс/дма/