Изградбата на довод за електрична енергија до депонијата на велешката Топилница е неопходна за да се забрза ископувањето на суровината и извозот на троската. Сепарирањето на материјалот насобран во црниот рид досега се правеше со помош на генератори, но количините на суровината и потребата да се транспортираат поголем број камиони наложуваат да се обезбеди нов извор на електрична енергија. Концесионерот „Кепс Монт груп“ од март планира интензивирање на активностите, а ископувањето ќе се одвива во три смени. Засега, згурата се извезува во Србија и Косово, а од март веројатно ќе ја купува и партнер од Турција.
„Се соочуваме со проблем за обезбедување напојување за машините за сепарирање, заради што во ќе мораме да изградиме довод за електрична енергија. Имаме обезбедено дозвола од ЕВН за приклучок кон мрежата, а во моментов очекуваме дозвола и од Општината Велес за да го направиме ископот. Се работи за должина од околу еден километар, што би требало да биде завршена за дваесеттина дена“, информираат од „Кепс Монт груп“.
Посочуваат дека ископот, сеењето, товарењето и транспортот на суровината од олово-цинковата јаловина на локацијата „Баш колиби” ќе продолжи веднаш по празниците. Ќе продолжи и извозот во двете соседни земји, каде ќе се преработат околу 300.000 тони од суровината, откако ќе биде исчистена од отпадот што со години се таложел во неа.
Во згурата, велат во Општината Велес, најмногу има градежен шут, кој ќе биде депониран на општинската депонија за оваа намена, со која стопанисува јавното комунално претпријатие „Дервен“.
„Концесионерот засега работи со мала динамика, но и да ги интензивира работите на терен, депонирањето на отпадот што се сепарира нема да биде проблем. Од досегашните ископи е утврдено дека најголемиот дел од отпадот е градежен шут. Според Б-интегрираната дозвола, која му ја издаде Општината, концесионерот има обврска шутот да го транспортира до локација која во општината се користи за оваа намена“, вели Билјана Шуркова-Манаскова, општински инспектор за животна средина. Посочува дека со расчистувањето на црниот рид на локацијата „Баш колиби” во Велес нема да има веќе никаков отпад. По завршувањето на чистењето ќе следува и ремедијација на почвата на целата површина од околу 33.000 квадратни метри.
Црниот рид е последица од работата на некогашната Топилница и се проценува дека има околу 1,8 милиони тони отпад. Проценето дека содржи шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид кои можат да се искористат како секундарна суровина, но има и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум… Близината до градот и околните населени места, како и до многу земјоделски површини ја прави оваа локација едно од најголемите еколошки историски жаришта во земјава, кое неколку децении чека да се најде решение.