Изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за неговата загриженост поради проширувањето на врските на африканските земји со Русија се навредливи. Ова го изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по состанокот на Советот на министри на Шангајската организација за соработка (ШСО).
„Во однос на претседателот Макрон и неговите изјави, навистина, генерално, се очекуваа повеќе етички изјави од Французите. Затоа што тој рече, ако добро се сеќавам, нешто вакво: дека е загрижен за воената и дипломатската активност на Русија во Африка и дека таа не е ни соработка, туку поддршка за апсолутно пропаднати, нелегитимни режими и хунти“, рече Лавров, пренесе Тас.
Според него, доста е навредливо за африканските држави кои продолжуваат, и покрај се, доследно да ги развиваат односите со Руската Федерација.
Макрон претходно изрази загриженост поради зголемените дипломатски и воени контакти меѓу Русија и Африка и беше навреден од ширењето на наводни лажни информации и руски наративи во Африка од луѓе што одбил да ги нарече новинари, наведувајќи го отворањето на нови бироа за руската новинска агенција Спутник и RT телевизија во Африка.