Утрински Весник
Економија

Нови правила на аеродромите во Скопје и Охрид, да се пристигне најмалку три часа пред лет

Нови правила на аеродромите во Скопје и Охрид, да се пристигне најмалку три часа пред лет

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Патниците ќе треба да пристигнат на аеродромот најмалку три часа пред нивниот лет, да носат заштитна маска постојано, да одржуваат физичко растојание и висок степен на лична хигиена, се дел од новите правила за патување на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле Охрид кои  стартуваат со патнички летови од 1 следниот месец,  по нивното затворање на 19 и на 16 март годинава како дел од мерките за спречување на влез и ширење на КОВИД-19.

Генералниот директор на ТАВ Македонија Алпер Ерсој во пишана изјава вели дека во периодот по затворањето на скопскиот и охридскиот аеродром со одлуките на Владата, со цел да се запре ширењето на КОВИД-19 во земјава, интензивно се подготвувале за повторно отворање на двата аеродроми. Ги следеле искуствата на другите аеродроми во светот со цел да видат што тие спроведуваат и да ги искористат најдобрите практики за да понудат аеродромски услуги кои ќе овозможат соодветна хигиенска и здравствена заштита, со цел патниците, персоналот и партнерите да се чувствуваат безбедно. Притоа ги следеле препораките на Министерството за здравство, Светската здравствена организација (WHO), Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија (EASA), Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (IATA), сè со цел да преземеме соодветни мерки навреме.

– Она што е најважно за патниците е да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание, вели Ерсој.

Како што соопштија денеска од ТАВ Македонија во однос на Меѓународниот Аеродром Скопје, при Заминувања (Departures), единствен отворен влез за патниците во терминалната зграда ќе биде влезот “Departures C”, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на нашите агенти за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на безконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.

– По соодветната дезинфекција на обувките и рацете, на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродроми, ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери кои ние како аеродромски оператор ги набавивме, со цел да спречиме влез на вирусот во аеродромските згради, при заминување од државата. По скенирањето со термалната камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Она што е важно за целата јавност е да знае дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат, објаснува Ерсој.

Информативни знаци во вид на банери, налепници и билборди се поставени насекаде низ аеродромите, со цел да ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините.

– Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, на Заминувања (Departures), Пристигнувања (Arrivals) и кај Излезите (Gates), туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани, објаснуваат од ТАВ Македонија.

Со цел патниците да се чувствуваат безбедно, укажуваат, ТАВ Македонија го интензивира чистењето и дезинфекцијата на сите површини на аеродромите, додека пак вентилацијата во терминалната зграда е исто така зголемена, со системот за климатизација кој користи F9 нано-хемиски филм-обложени филтри. Дополнително, низ целата терминална зграда на аеродромот поставени се диспанзери со средство за дезинфекција на рацете.

– Уште од првиот случај на КОВИД-19 во земјата, почнавме зачестено да чистиме и дезинфицираме, поинтензивно од вообичаеното. Особено на местата на аеродромот каде што патниците најмногу се задржуваат, коишто се најмногу подложни на допирање. На пример, шалтерите за регистрација, рачките од вратите и ескалаторите, екраните, држачите, копчињата за лифтови, пунктовите за саморегистрација и завиткување багаж, количките за багаж и сите други предмети идентификувани како најчесто допирани површини, се дезинфицираат четири пати дневно. Пред реотворањето на аеродромот, сето ова го срочивме во наши нови интерни правила, коишто точно го пропишуваат начинот на дезинфекција и соодветните средства за таа намена, објаснува Ерсој.

Тој вели дека некои од аеродормските процедури ќе се одвиваат побавно со оглед на новите правила за патување наметнати од глобалната пандемија.

Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување.  Таа е достапна преку веб-страницата на аеродромот, каде што преку посебни икони секој патник може да пристапи до делот за онлајн регистрација од веб-страниците на авиокомпаниите.

Од ТАВ Македонија нагласуваат дека во делот на безбедносната проверка патниците ќе треба дисциплинирано да ги следат упатствата на агентите за безбедност, и таму, како и при сите процедури каде што се создаваат редици, потребно ќе биде да се држи пропишаното физичко растојание. Сите површини кои се во допир со патници на овој пункт исто така се дезинфицираат зачестено, додека пластичните корпи во кои патниците го ставаат багажот, ќе се дезинфицираат по употребата.

При Излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците пак ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за што и на тие места ТАВ Македонија има поставено диспанзери за дезинфекција на раце.

– Апелираме до патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред времето на полетување, затоа што најмалку 1 час пред времето на полетување тие веќе треба да бидат во бординг зоната, односно на Излезите (Gates). Со почитување на засилените санитарни мерки кои ги воведовме и одржување на физичко растојание, пред се од наша страна како аеродромски персонал, а потоа и од страна на патниците, заеднички ќе се заштитиме од коронавирусот. Здравјето е најважната работа за сите нас. Со нетрпение чекаме повторно да ги опслужиме нашите патници, да ги обединиме со нивните семејства и пријатели и да им овозможиме да откриваат нови дестинации, информира Ерсој.

Во врска со распоредот на летање, којшто не зависи само од Одлуката на Владата за реотворање на аеродромот за патнички летови, туку и од одлуките на авиокомпаниите, како и земјите до чии дестинации се леташе од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, пред коронавирус-кризата, ТАВ Македонија ги упатува сите патници да ги следат веб-страниците на двата аеродроми, каде што ќе бидат објавени најновите распореди на летање.

– Со оглед на тоа што информациите за летовите се менуваат многу брзо, а ние како аеродромски оператор ги ажурираме како што ги добиваме од страна на авиокомпаниите, апелираме до сите патници да ги следат нашите веб-страници http://skp.airports.com.mk/, велат од ТАВ Македонија.лв/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен