Утрински Весник
Свет

Нови инциденти во источна Украина, сепаратистите тврдат дека гранатирано е село

Нови инциденти во источна Украина, сепаратистите тврдат дека гранатирано е село

Ситуацијата во Украина ескалира oд вчера.

Во четвртокот наутро беа пријавени неколку инциденти на истокотот од земјата. Украина тврди дека нападот го иницирале руски сепаратисти, а сепаратистите, пак, тврдат дека биле нападнати. Украинската армија вчера соопшти дека погодена е и детска градинка. Нови наводи за напади пристигнуваат и денеска.

Командантот на здружените сили на Украина, генерал-полковник Александер Павлиук, издаде изјава во која тврди дека трупите поддржани од Русија ги засилиле провокаторските акции пред безбедносната конференција во Минхен, во обид да ги испровоцираат украинските вооружени сили на оган.

Зборувајќи за инцидентите со гранатирање, Павлиук кажа:

„Сето ова е направено за да се испровоцираат вооружените сили на одмазда и да се обвинат за геноцид. Наместо тоа, нашите вооружени сили се придржуваат до договорот од Минск и реагираат само откако ќе се исцрпат сите средства за прекин на огнот преку ОБСЕ и СЦЦЦ, кога животите на војниците се загрозени“.

Украинското Министерство за одбрана соопшти дека регистрирало 60 прекршувања на примирјето извршени од сепаратистите во регионот на Донбас во последните 24 часа, при што еден војник е повреден, пренесува „Ројтерс“.

Од друга страна, бунтовниците во источна Украина, поддржани од Руската Федерација, ги обвинија владините сили на Киев дека денеска гранатирале село, пренесе „Интерфакс“.

Западните земји постојано ја обвинуваат Русија дека планира или поттикнува инцидент во областа под контрола на бунтовниците за да предизвика повод за напад. Москва, од друга страна, го обвинува Киев дека планира ескалација во обид насилно да ја заземе територијата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е сериозно загрижена поради извештаите за ескалација. Русија се закани дека ќе реагира, вклучително и воено, доколку САД ги отфрлат нејзините главни безбедносни барања, повторувајќи ја својата позиција американските сили да се повлечат од централна и источна Европа и балтичките земји.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека руски напад врз Украина е можен во следните неколку дена и дека сè укажува на тоа.

Бајден повторно телефонски ќе разговара со сојузниците од НАТО и ЕУ за украинската криза, дознава денеска кабинетот на канадскиот премиер Џастин Трудо, а пренесе „Ројтерс“.

Можете да прочитате

Автобус излетал од патот во Турција: над 30 лица се повредени

„Гугл“ веќе не забранува користење ВИ за развој на оружје

Администрацијата на Трамп го става персоналот на УСАИД на „административно отсуство“