По серијата „Големи мали лаги“, која на публиката ѝ се допадна поради заплетот и одличната актерска екипа, многумина едвај ја чекаа новата серија која се базира на книгата на истата авторка Лијана Мориарти – „Девет совршени странци“.
Серијата од осум продолженија што се прикажува на каналот „Хулу“ со својот претходник „Големи мали лаги“ има уште една поврзаност, актерката Никол Кидман. Во новата серија, оскаровката има клучна улога, а нејзе ѝ се придружуваат и други ѕвезди како Лук Еванс, Мелиса Мекарти, Мајкл Шенон, Реџина Хол, Боби Канавале и други.
Но, покрај одличните имиња, вниманието на многу гледачи го привлече местото на дејствието – прекрасниот велнес центар „Транквилум хаус“, кој го води директорката Маша (Никол Кидман).
Иако дејството во серијата се случува во Калифорнија (САД), епизодите всушност се снимени во областа на градот Бајрон Беј, што е околу осум часа возење од Сиднеј, Австралија.
Медиумите откриваат дека во непосредна близина на Бајрон Беј има прекрасен велнес центар во реалноста, наречен „Сома“, основан од експертoт за трансцендентална медитација Гери Гороу и бизнисменот Питер Остик. Сместен во шума која се простира на два хектари, луксузниот имот има инфинити базен што можеме да го видиме во серијата, но и простор за медитација со купола.
Кој има доволно пари, време и волја може да се смести во овој центар, па дури и да го изнајми. Цените се движат од 2500 американски долари за викенд за едно лице, а тоа ги вклучува сите активности, оброци и сместување, како и пристап до ледени бањи со магнезиум и инфрацрвени сауни.