Тетово, 20 јуни 2020 (МИА) – Во завршна фаза е изградбата на новиот конак при Лешочкиот манастир чии темели беа поставени и осветени на 1 февруари годинава. Објектот веќе го добива својот надворешен лик.
– Изграден е објектот во фаза на карабина, со поставени врати и прозорци. Сега се одвива поставувањето на камен на дел од надворешната фасада како што беше поранешниот помошен објект на тоа место. Потоа ќе следуваат работи во внатрешноста како и хортикултурно уредување, информираат од тетовско-гостиварската епархија.
Објектот се гради при самиот влез во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во Лешок на местото каде порано беа помошни простории и остава од манастирот. Средствата се од донации на верниците.
– Постоеше потреба за еден посовремен конак каде што би можело да се сместат посетители, да се одржуваат состаноци на црковно ниво, да има апартмани за престој на владиците, кујна и трпезарија. Ќе биде на два ката, истакнуваат од епархијата.
Објектот ќе претставува западно крило на конакот и ќе има 750 квадратни метри. Од епархијата ги повикуваат сите верници и добронамерници да го помогнат завршувањето на конакот. ас/ир