Тетово, 29 мај 2020 (МИА)– Новиот објект за Воспитно поправниот дом „Тетово“ во близина на тетовското село Волковија наскоро може да почне со работа, откако се надминати сите инфраструктурни проблеми најави Јовица Стојановиќ, директорот на Управата за извршување на санкции при денешната посета.
Објектот од градежен аспект е готов уште од декември 2018 година, но досега институциите, според директорот Стојановиќ, решаваа проблеми од друг карактер.
-Од декември 2018 досега се решаваа проблемите со водоснабдување и електрична енергија. Месното население не дозволи да се користи нивниот извор за вода. Затоа беше поведена процедура за изградба на бунар во рамки на дворот од објектот. Исто така за електрична енергија 14 месеци се чекаше поради измени во закон за градење да се прави постапка за домот, изјави денес при посетата Стојановиќ.
Директорот на домот, Зоран Стојановски истакна дека се уште нема точен датум кога би почнале со работа односно прием на штитениците кои моментно се сместени во Охрид.
-За одредено време таква дозвола ќе биде дадена од Управата. Објектите освен што се готови се и опремени и фунцкионални. Ние вработените очекувам тука прво да почнеме со координации, тренинзи и слично па да дојдат малолетниците-штитеници кои ќе имаат одлична инфраструктура, рече Стојановски.
Според него е најважно што се решава 19 години стар проблем со просторни услови на ВП домото кој имаше локација во Тетово се до 2001 година.
-Бројот е мал на штитеници, има 11 во Охрид. Судиите досега беа известени дека условите биле лоши и затоа применувале алтернативни мерки или одложувања. Сега тука може да се примат три пати повеќе малолетници, дури и повеќе. Имаме три павилјони, а само во еден ќе биде доволно да се сместат сите штитеници. Малолетничкиот криминалитет не е намален, рече Стојановски.
Објектот е почнат да се гради со кредит за обнова и реконструкција на затворскиот систем во 2014 година, во висина од 4.100.000 евра.ас/бк/