13 мај 2020
Политика, Белград
Се чини дека светот се одмори. Мерките за изолација полека се олеснуваат во една по една земја. Улиците на европските метрополи повторно се полнат со луѓе кои сакаат да зграбат од пролетта, што оваа година ја пропуштија. Сè погласни се оние кои тврдат дека „нормалниот живот“ не може да чека повеќе, дека фабриките мора да работат, економијата да дише и да се отворат одморалиштата.
Но, зошто тогаш нема елан, очекуван во ситуација кога нè убедуваат дека најлошото само што не поминало? Зошто наместо полетен оптимизам во главите сè уште чувствуваме придушено пулсирање, што нè опоменува дека би можело да има уште непријатни изненадувања?
Што навистина ни се случи: Од обичен вирус што само нè „потресе“ малку, не допирајќи ја суштината на постојниот поредок до чума, по која веќе ништо нема да биде исто. Овие контрадикторни описи, овие денови се истакнати во анализите за пандемијата што досега однесе стотици илјади животи.
Во моменти на криза, луѓето покажуваат тенденција да бараат поддршка во формирањето на мислењето во оние за кои веруваат дека поради повисокото место од кое набљудуваат имаат подобри информации. Меѓутоа, кога се злоупотребуваат високите позиции, поради политички цели, без водење сметка за степенот на конфузија што се внесува на тој начин, тогаш имаме работа со посебно злобно сценарио. И тоа е моментот кога мора да зборуваат експертите, како што минатата недела направи американскиот водечки имунолог Ентони Фаучи. Фаучи стана ѕвезда на социјалните мрежи уште од порано, кога снимателите на конференциите за новинари на претседателот на САД, Доналд Трамп, забележале дека Фаучи, кој стоел до Трамп, секој пат кога Трамп ќе изјави некое паушално тврдење за новиот коронавирус, тој ја менувал бојата на лицето, поради чувството на непријатност. Сега, Фаучи се одлучи на чекор понапред од ритуалното превртување очи, проценувајќи во интервју за „Национална географија“ дека не постојат научни докази што би можеле да го поткрепат тврдењето дека Ковид-19 е настанат по неприроден пат во лабораторија во Вухан. „Фактите наведуваат на заклучок дека вирусот се има развиено во природа“, изјави Фаучи, торпедирајќи ја најновата омилена мантра на Трамп.
Еден од главните несакани ефекти на оваа пандемија е токму поплавата од лажни и непроверени информации и со право е наречена инфодемија.
Во дигиталното време во кое живееме не е потребно да се биде политичар, за своите неосновани ставови да се инјектираат во етер. Инфодемијата, очигледно, не убива на директен начин како новиот коронавирус, но таа подмолно лази под кожата на општеството, заканувајќи се дека ќе уништи на долг период сè на што почива организираниот систем.
На крстосница на епохи: Проклетството на човекот е што никогаш со целосна сигурност не може да ја процени историската важност на моментот во кој живее. За таква проценка е потребна временска дистанца, па фразите што овие денови се изговараат, дека новиот коронавирус со себе однесе една епоха, звучат претенциозно. Пандемијата, меѓутоа, ги направи видливи сигналите што долго време се околу нас и на кои можеби ненамерно сме им ги вртеле главите.
Така дојде до израз важноста на националната држава, концепт што веќе некое време добиваше на сила и пред Ковид-19. Со првите смртни случаи од новиот коронавирус беше јасно дека секоја земја ќе настојува првенствено да се погрижи за своите граѓани, а идејата за национална соработка ќе биде вметната во заднина. Границите беа затворени, беше запрен слободниот проток на луѓе и стоки, а во немилосрдната борба за респиратори се појавија активности дијаметрално оддалечени од која било идеја за солидарност.
Една од најголемите болки во неолиберализмот, онаа на непристојно големата нееднаквост во богатството меѓу државите и поединците, дополнително метастазираше во деновите на пандемијата. Се покажа дека системот, во кој е возможно еден човек да поседува повеќе пари од некои држави, ја сече гранката на која седи цело време. Средната класа, што треба да биде столб на еден нов, праведен свет е исцрпена до изнемоштеност. Има сè повеќе и повеќе губитници на транзицијата, чии патеки и аспирации можевме да ги следиме на изборите од претходните години, на кои нивното разочарување послужи како главна муниција за најневеројатните политички експерименти. И коронавирусот дополнително го соголи сето тоа.
Меѓутоа, не треба да размислуваме дека поминуваме низ некаква катарза, по која сè ќе биде подобро. Неолибералниот концепт, што сè почесто се користи сега, донесе многу големи чекори без преседан во човечката историја. Ако навистина сме на крстопат на епохи, би требало да се биде убеден оптимист од времето што доаѓа да очекуваме слични достигнувања.
Какофонијата на мешани сигнали само придонесува во чувството на неизвесност што го карактеризира сегашниот момент. Оттука и вознемиреноста што речиси може да се почувствува, иако наводно се ближиме до крајот на пандемијата.
Стравот од непознато е моќен движечки фактор кај човекот и сè повеќе има шанси тој повторно да биде злоупотребен во деновите пред нас. ки/јт/