Скопје, 27 април 2020 (МИА) – ВМРО-ДПМНЕ денеска побара на претстојната лидерска средба покрај за состојбата со здравствената и економска криза, која, како што велат е приоритет број еден во моментов, да се разговара и усогласи заедничка стратегија и документ како одговор на условувањата на Бугарија. Воедно да се разговара и за поставување основи за заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Тоа, според опозициската партија, би биле документи од долготраен карактер и ќе бидат обврзувачки за сите идни Влади.
-Да го направиме тоа додека не е предоцна. Сигурен сум дека една заеднички изградена позиција од сите релевантни политички и општествени фактори ќе биде позитивно прифатена и од ЕУ како и до нашите соседи. Таа мора да биде плод и на широк општествен консензус и консултации со релевантни научни институции од областа на македонскиот јазик, македонскиот народ и историја, понатака интелектуалци и институции кои својот научен и општествен труд го посветиле на овие прашања. Заеднички усогласената позиција треба да ги отсликува одредбите во Уставот на Република Македонија, основните постулати на кои се заснова ЕУ, основите документи на Советот на Европа и ОБСЕ, како и одлуките на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Се надеваме, додаде тој, дека Заев, СДСМ и останатите релевантни политички партии позитивно ќе одговорат на овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, кој, како што посочи, е во интерес на Македонија и на македонскиот народ.
Во врска со настојувањето на СДСМ да се свика Собранието, и тоа што претседателот на Парламентот Талат Џафери се уште не се изјаснил, запрашан дали имале средби на оваа тема со претставници на ДУИ со оглед дека се споменуваат и датуми за избори и дали ВМРО-ДПМНЕ има изграден став по ова прашање Николовски истакна дека приоритет број еден во моментот е заштита на здравјето на граѓаните, приоритет број два е заздравување на македонската економија односно прво соочување со големата економска криза, а потоа и заздравување.
-Нам ни е жал што СДСМ не го прифати нашиот повик за лидерска средба и се кусогледи. Мислам дека во моментов не сфаќаат колку голем проблем пред Македонија е надвиснат и здравствен и економски и тоа е основниот приоритет зошто треба да има лидерска средба. Втората причина ја кажав денес, тоа е заеднички усогласен одговор и стратегија во однос на условувањето на Бугарија за почеток на преговори за членство во ЕУ. Ова се доволни два повода за политичките лидери да дискутираат и усогласат ставови, рече Николовски.
Тој оцени дека е нечовечки и непристојно да се зборува за избори и за датум на нивно одржување во услови кога, како што вели, секој ден има новозаболени и починати од Ковид 19.сст/лв/