Утрински Весник
Македонија

Николовски: Како членка на НАТО, земјава веќе го користи системот за командување со инциденти

Николовски: Како членка на НАТО, земјава веќе го користи системот за командување со инциденти

Скопје, 28 март 2020 
Здравјето на граѓаните е најважно. Секојдневно се соочуваме со предизвикот да ги заштитиме граѓаните.
Како одговорна партија целосно сме фокусирани во поддршка на институциите кои бескомпромисно се борат против заканата од ширењето на коронавирусот.
Сите ние, граѓаните мора целосно и доследно да ги почитуваме мерките и препораките на надлежните институции и на тој начин да допринесеме во оваа заедничка борба.
Денеска и утре, се зголемува времетраењето на забраната за движење на населението и ќе трае од 16 часот до 5 часот следниот ден. Исклучително е важно оваа како и сите други мерки и препораки да се почитуваат од сите граѓани, од сите поединци.
Само со заедничко, одговорно делување можеме да го победиме невидливиот непријател.
Сакам да упатам благодарност до сите кои учествуваат во оваа непоштедна борба со коронавирусот, здравствените работници, лекарите, полицајците, службениците, вие сте нашите херои.
Покрај мерките за спречување на здравствената криза, пред нашата татковина е предизвикот да се соочиме и со економските последици кои се рефлектираат кај нас и во целиот свет.
Првите мерки кои имаат за цел ублажување на негативните ефекти, веќе се спроведуваат.
Компаниите, микро, малите и средни претпријатија веќе аплицираат за бескаматни кредити од 3 до 30.000 евра. Извршителските дејствија се стопираат до 30 јуни, а граѓаните погодени од коронакризата имаат можност за одложено плаќање на кредитите.
СДСМ предложи сериозен пакет на економски мерки за соочување со последиците од економската криза, тежок 200 милиони евра.
Да им помогнеме на граѓаните, на работниците, да ги сочуваме работните места и да обезбедиме приход за секој човек.
Во духот на солидарноста, товарот да го понесеме сите, за кризата да трае пократко а последиците да бидат помали.
Покажавме дека можеме да се справуваме со предизвиците, ќе покажеме дека можеме да се справиме и со овој предизвик.
Во време кога сме соочени со силна здравствена и економска закана, се остваруваат две стратешки цели на државата. Република Северна Македонија и официјално стана членка на НАТО и започнува преговори со ЕУ.
Ова освен што е признание за исправните и успешни политики на СДСМ, значи и поголема помош во справувањето со здравствените и економски предизвици во справувањето со коронавирусот.
Денеска, веќе сведочиме на првичните придобивки. Европската Унија како првична помош во справување со коронавирусот одвои меѓу 66 и 70 милиони евра кои се на располагање на Република Северна Македонија.
Од нив 50 милиони евра се наменети за економско-социјалното закрепнување, 9 милиони евра се одвоени за поддршка на приватниот сектор.
Како членка на НАТО Алијансата нашата земја веќе го користи системот за командување со инциденти од следната генерација на НАТО за да го координира својот одговор на кризата ковид-19 и да и обезбеди на својата јавност информации и совети во реално време.
Во време на ваква криза, државата институциите покажаа дека имаат капацитет да работат на реализација на важните цели, да работат посветено во интерес на граѓаните и државата.
Колку долго оваа криза ќе трае и какви ќе бидат ефектите од неа, зависи од нас самите.
Затоа, уште еднаш упатувам апел, да ги следиме препораките и задолженијата, да се однесуваме одговорно и внимателно за да го заштитиме нашето и здравјето на нашите најблиски.
Но истовремено, да бидеме солидарни, да си помагаме меѓусебе за што побрзо да излеземе од финансиската криза, за да има што помалку семејства кои ќе бидат погодени од негативните последици врз економијата.
Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ

_________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кривична пријава за поранешен министер за култура

Меџити: Утре ЈСП ќе добие шест електрични автобуси

Од ноќеска поскапуваат сите горива – РКЕ со нова одлука