Раперката Ники Минаж во средата тврдеше дека била поканета во Белата куќа да разговара за вакцините протов Ковид-19 откако нејзините твитови предизвикаа бурни реакции.
Но, претставник на Белата куќа вели дека ѝ понудиле телефонски повик со медицински експерти, а не посета, како што напиша таа на Твитер. Раперката во средата твитна дека била поканета поради неточни тврдења за вакцината.
Официјален претставник на Белата куќа за „Ен-би-си њуз“ изјави дека бил понуден повик до Минаж да разговара за прашања во врска со безбедноста и ефективноста на вакцината против Ковид, откако таа објави неколку твитови на почетокот на оваа недела, што доведе до тоа Твитер привремено да го суспендира нејзиниот профил.
„Како и со другите, понудивме повик со Ники Минаж и еден од нашите лекари да одговори на прашањата што ги има во врска со безбедноста и ефективноста на вакцината“, рече претставникот на Белата куќа во изјава за Ен-би-си њуз.
Рап-sвездата изминативе денови во неколку наврати го изрази својот скептицизам во врска со вакцината, а во средата објави на својот Твитер-профил дека е поканета да разговара за своите грижи со претставници на американската влада.
Ники – која неодамна посочи дека вакцината може да доведе до импотенција – напиша на Твитер: „Белата куќа ме покани и мислам дека тоа е чекор во вистинската насока. Да, ќе одам. Ќе се облечам во розова боја како Legally Blond („Русокоса од Харвард“ – филм со Рис Витерспун) за да знаат дека сум сериозна. Ќе поставувам прашања во име на лицата кои ги исмејуваат дека се едноставно луѓе. #BallGate 3. ден(sic)”
38-годишната раперка потоа ги замоли своите следачи на Твитер да ѝ ги испратат своите прашања и грижи за да им ги пренесе на официјалните лица во Белата куќа.
Во една од објавите кои предизвикаа бурни реакции, Ники, која има повеќе од 22 милиони следачи на Твитер, -напиша: „Мојот братучед во Тринидад нема да добие вакцина затоа што негов пријател ја прими и стана импотентен. Тоа се случи неколку недели пред да се ожени, сега девојката ја откажа свадбата. Затоа, молете се и бидете сигурни во вашата одлука, а не да ве тераат на тоа.“