Кочани, 23 мај 2020 (МИА) – Министерот за земјоделство,Трајан Димковски смета дека не би требало да има проблеми со откупот на грозјето годинава, и покрај тоа што се уште има непродадени количини вино од минатогодишната реколта.
При неговата денешна посета на Кочани тој најави договарање со производителите на грозје и вино за евентуална финансиска и друга поддршка што би ја обезбедила ресорното министерство.
– Резервите на вино од минатата реколта беа околу 75 милиони литри, колку што пред еден месец пријавија винарниците. Овие колични веќе се намалуваат и ние секојдневно добиваме информации како се одвива извозот на пакувано и наливно вино, па извозниците веќе не се толку засегнати за да се интервенира со дополнителни субвенции за претворање на вино во дестилат. Во интензивна комуникација сме и за подобра подготвеност за претстојната берба за оваа година, условите за производство засега се добри и покрај кризата со коронавирусот, а веќе следната недела ќе имаме заеднички разговори на кои ќе изградиме ставови кои мерки да ги планирме и преземеме, за да бидат сигурни и самите лозари дека нема да им останат неоткупени количини. Мерката ќе биде заеднички донесена, со оглед што има предлози и од производителите и од винарниците, но и ние имаме наши размислувања, истакна министерот Димковски. та/цр