Париз, 7 мај 2020 (МИА) – Фудбалерот на ПСЖ, Леандро Паредес смета дека sвездата на тимот од Париз, Нејмар ќе остане во тимот по затворањето на следниот трансфер прозорец. Аргентинецот, исто така, зборуваше многу позитивно за неговиот тимски колега Марко Верати, идентификувајќи го како најдобар играч од средниот ред на светот.
– Разговараме многу и тој ми се јавува цело време. Јас знам дека ќе остане со нас, рече Паредес по повод прашањето за трансферот на Нејмар за „Фокс Аргентина“.
На прашањето кој е најдобриот играч од средниот ред на светот, на која позиција игра самиот Аргентинец, тој одговори: „Мислам дека тоа е Верати. Невозможно е да се одземе топката од него и тој е многу агресивен“.
И покрај многуте успеси на ПСЖ во лигата, Лигата на шампионите сепак останува желба за тимот од француската престолнина. Паредес, сепак, верува дека сè е засновано на менталитетот, а тој и неговите соиграчи работат на тоа.
– Мислам дека го менуваме менталитетот на клубот. Различно е за Лигата на шампионите и првенството. Во Европа не можете да одморите ниту една секунда, додека нивото во Лига 1 понекогаш дозволува тоа да се случи. Неверојатните квалитети на нашите играчи значат дека секогаш можеме да победиме на крајот. Доколку успееме да го промениме менталитетот во Лигата на шампионите со исти играчи, ист тим и желбата да победиме, што ја имаме, тоа ќе нè направи победници, додаде фудбалерот.