Утрински Весник
Македонија

Нефи Усеини и неговиот брат се во бегство, полицијата трага по нив за да ги спроведе во притвор

Нефи Усеини и неговиот брат се во бегство, полицијата трага по нив за да ги спроведе во притвор

Охридскиот обвинител побарал, а судот одобрил осум дена притвор за советникот во општина Охрид, Нефи Усеини и неговиот брат, Ибро Усеини поради нападот на нивниот сограѓанин, Спире Топалоски.

И двајцата се во бегство, а мерката ќе биде активирана откако тие ќе бидат лоцирани. Од Обвинителството велат дека мерката е побарана по сите три основи, со цел, непречено спроведување на постапката против браќата Усеини.

„Мерката е побарана по сите три основи, односно можноста за повторување на делото, влијание на сведоци и бегство”, велат оттаму.

Полицијата веќе изврши претрес во домовите на осомничените, но не ги пронајде нив бидејќи и двајцата се во бегство. Исто така, одземени се и снимките од објектот каде се случил инцидентот, а од нив е констатирано дека бил употребен пиштол во нападот на Топалоски.

Нападот на Топалоски се случи пред два дена пред познат охридски хотел. Според сведочењето на нападнатиот, Усеини заедно со брат му и уште две лица прво му извадиле пиштол на него и неговото малолетно дете, за потоа, со оружјето да го удираат по глава.

Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини.

Тој во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.

Охридскиот советник е ослободен од еден случај, за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид.

Обвинителството кажа дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.

Инаку, по повеќе од година, сите предмети отворени против Усеини во охридското Обвинителство, тапкаат во место. Оттаму последно кажаа дека поради пандемијата, обвинителите работат само на итните случаи, а додека, предметите кои се во редовна постапка како оние за Усеини, ќе се разгледуваат во наредниот период откако ќе се врати нормалното работење на Основното јавно обвинителство Охрид.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пожар предизвика застој на патот од Солун до Евзони, возилата се пренасочуваа кон Дојран

Кривична пријава а обезбедувањето на Гаши: Го извадил пиштолот, го репетирал, се дерел, туркал полициски службеник

Мицкоски лично ќе спречува идни инциденти на косовската претседателка Османи?