Утрински Весник
Економија

Непречен транспортот на стока, бизнисот очекува нови мерки за помош

Транспортните фирми бараат помош од државата, се преземаат мерки за заглавените превозници на границите

Скопје, 24 март 2020 (МИА) –  Домашните институции и транспортни асоцијации во соработка со партнерите од регионот и пошироко преземаат активности за нормализирање на работата на транспортот на стока во услови на вонредба состојба и затворени граници поради кризата со Ковид 19. Новина за бизнисот е најавената одлука на Владата за автономни мерки за ослободување од плаќање на царина на суровини и материјали и опрема за медицински цели. Од плаќање царина ќе бидат ослободени средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, заштитни очила, медицинска опрема.

Секој транспортер кој ќе превезува стока надвор од границите на државава од денеска ќе мора да извади дозвола од Државниот санитарени здравствен инспекторат. До утре, пак, треба да се дефинира списокот со стоки што ќе може да поминуваат преку т.н зелен и син коридор што го договараа земјите членки на ЦЕФТА. Во меѓувреме, заврши извлекувањето на заглавените камионџии на границите поради блокадите за движење со го спречат натамошното ширење на коронавирусот.  На фирмите, за транспорт на стока целосно им е на располагање и Железницата, каде нема ограничувања во товарниот превоз.

Според ресорниот министер Горан Сугарески, полека се нормализира работењето на компаниите за превоз на стока во вакви услови, непрекинато се одвива издавањето лиценци, одобренија, дозволи.

Меѓународниот товарен сообраќај се одвива без забрани, но, како што оцени Сугарески, со можни одредени забавувања при вршење на превозот на граничните премини поради нововоспоставените процедури и контроли поради корона вирусот. Откако беа затворени за сообраќај двата аеродрома во држава, ставен е во мирување Договорит за субвенции од државата на нискобуџетниот авиопревозник Виз Ер. Во мирување е и меѓународниот линиски и повремен превоз на патници, а со одлука на Владата меѓуградскиот и јавниот превоз се организира со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50 проценти во возилото. таква мерка има и за патничкиот железнички превоз.

Во рамки на ЦЕФТА заедно Транспортниот секретаријат на ЕУ и Европската комисија се договораат протоколи за лесно и безбедно движење на стоките. Договорено е воведување на размена на информации пред пристигнување и соодветно зелен и син канал за побрз проток на определни стоки и оелснување на транспорт, информираше директорот на Царината Ѓоко Танасоски.

И во тек на полицискиот час, што е во сила од завчера, движењето на стоката продолжува непречено да се спроведува. Дозволено е движење на транспортни средства во рамки на тразнитна постапка со транзитен придружен документ Т1, извоз на стоки со извозен придружен документ EXMK, како и зедничко извозно транзитна постапка. Превозниците кои се движат во рамки на поедноставена постапка во транзит (овластен примач) и поедноставена постапка, локално царинење при увоз не смеат во никој случај да ја напуштат одобрената локација за времетрање на полицискиот час. Тоа  ослободување од ограничување важи за царинските испостави: Табановце, Блаце, Деве Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Богородица и Меџитлија. Претходно,  Царинската управа по службена должност ги продолжи роковите на важење на одобренијата за поедноставени царински постапки, а ќе биде продолжен и рокот на важење на банкарските гаранции кои истекуваат до 30 јуни.

Засега нема поголем застој во реализација на проектите во градежниот сектор, но, според Сугарески реално е да се очекува такво нешто. -Веќе излеговме со прв сет економски мерки со кои го олеснуваме работењето во секторите кои веќе ги чуствуваат последиците од коронавирусот. Деноноќно ја следиме ситуацијата, во континуирани разговори сме со бизнис зедницата како да ги намалиме последиците врз индустријата и севкупно врз стопанството, рече Сугарески.

Во исчекување на вториот сет мерки од Владата за помош на стопанството, фирмите, синдикатите и политичките партии,  и вчера  изнесоа свои предлози за излез од кризата, а на редица критики беше изложен  предлогот од владејачката СДСМ за намалување на платите на јавниот сектор на износ од минималната плата, а како дел од следните мерки за помош на стопанството.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара предлогот да биде повлечен и оцени дека со негова реализација  кризата ќе се продлабочи. Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ предлага план како да се дојде до една милијарда евра, за помош на економијата по последниците од вонредната ситуација со корона вирусот.

Од Стопанската комора на Македонија не ги коментираа предлозите на политичките партии за надминување на кризната состојба, но оценија дека сепак охрабрува фактот што очигледно во земјава се постигнува широк консензус во перцепциите оти постојнава ситуација бара длабоки и сеопфатни мерки. И порачаа на Владата дека какви економски мерки и да донесе, најдобро би било тие да немаат одложено дејство од април, туку да бидат со важност веднаш.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, пак, побара заедничка одговорност и акција од сите. Во текот на оваа недела Владата ќе излезе со поконкретни мерки за помош на стопанството, но не очекувајте дека ќе покрие 100 проценти од изгубените приходи и зголемените трошоци, затоа во ова тешко време ни е потребно да ја потиснеме паниката и стравот, да ја подигнеме личната одговорност и заеднички да излеземе од оваа криза, порача Димитров.

Сојузот на синдикати на Македонија предупреди дека исплатата на минимална плата за администрацијата и јавниот сектор може да повлече и исплата и на минимална плата во целиот приватен сектор што ќе се одрази врз егзистенцијата на работниците, а Независниот академски синдикат (НАкС)  побара приватниот сектор да го понесе товарот од кризата исто како и јавниот. Против намалување на платите е и Конфедерацијата на слободни синдикати, како и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Со првиот сет мерки за помош на стопанството  Владата најави бескаматни кредити за ликвидност на малите и средните фирми, субвенции за придонеси, намалување на камати и парафискални давачки формирање формирање фонд за поддршка на туризмот.  Советот на Народната банка, пак, донесе регулаторни измени насочени кон привремено олеснување на финансискиот товар на граѓаните и компаниите корисници на кредити кои веќе се соочуваат или во наредниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски кон банките и штедилниците, предизвикани од состојбата со коронавирусот. лв/мч/

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст

Соработката со „Бехтел ЕНКА” продолжува со презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025