Церемонијата на доделување „Оскари“ во април ќе биде скромен и интимен собир, и без популарната апликација за видео разговори „Зум“.
Настанот ќе биде лимитиран на номинирани, презентери и нивни гости, изјавија продуцентите во четвртокот.
Поради пандемијата на Ковид-19, шоуто за доделување на највисоки почести во филмската индустрија ќе се одржи и во „Јунион стејшн“ во центарот на Лос Анџелес и во традиционалниот дом на „Оскарите“, театарот „Долби“ во Холивуд.
Сите ќе бидат тестирани и ќе има тим за безбедност на лице место во текот на целата вечер на 25 април.
„Нема да има Зум-опција за шоуто“, продуцентите на настанот – Стивен Содерберг, Џеси Колинс и Стејси Шер – наведоа во известувањето до повеќе од 200 номинирани.
По годината што ја претрпе, филмската индустрија се надеваше дека церемонијата на „Оскарите“ ќе биде гламурозна, а не скромна забава.
Иако телевизискиот рејтинг на церемонијата се намалува во последните неколку години, сепак, станува збор за настан за кој најмногу се зборува.